Влијанието на модерната технологија врз детскиот развој – Gaspar Centar

Во ова модерно време сите ја забележуваме опседнатоста и ,,љубовта” на децата кон модерната технологија, што за родителите претставува гордост и успех за своето дете, но во суштина, свесно или несвесно, сите ние се повеќе сведочиме за постоењето на деца кои дури и до четвртата година не изговараат ниту еден збор или пак манифестираат некакво отстапување во нивното однесување.

Што навистина се случува?

Дали се сеќавате како растевме ние, сега возрасните, и какво детство имавме? Уште од најрана возраст учевме како да шутираме топка, како да се качуваме по скали, да береме цвеќиња од ливадите, да цртаме со најразлични боици во присуство на баба и дедо, додека ги чекавме нашите родители да се вратат од работа. Потоа, со другарчињата од маало по цел ден игравме брканица, штркот бира боја, жмурка, ластик, џамлија, серва, граница, јанино, градевме куќички на дрво, по цел ден бевме извалкани од трева и кал. Со тоа се будеше нашата детска фантазија и се оформуваше нашата фина и груба моторика.

Денес, во ова модерно време, исполнето со обврски и стрес, родителите, гледаат своите деца да ги занимаваат и да ги ,,смируваат” со песничка на англиски јазик на телефон, најразлични анимирани цртани на телевизија, таблет и најразлични останати уреди, без да се посветат на развојот на своето дете.

Со тоа се добива погрешна стимулација, затоа што бебе од неколку месеци, па се дете до неколку години не треба да биде изложено на модерна технологија, туку на слушање на говорот од околината и најразлични игри. Најубава и најприродна стимулација е со мајчиниот и татковиот глас. Дете до три години треба да го усвои говорот, што претставува основа за понатамошна посложена говорно јазична комуникација.

Родителите мислат дека бебињата и децата ја ,,сакаат” технологијата, дека тие ја разбираат и дека тие поради тоа еден ден ќе бидат успешни. Децата прозборуваат на најразлични јазици, најчесто англиски, односно јазици на кои биле гледани и слушани цртаните филмови и песнички. Но во суштина тоа не е функционално, туку механичко повторување. Со модерната технологија на некој начин детето се оттргнува од реалноста, почнува да создава некој свој свет кој е разбирлив само за него, често се вознемирува, особено кога ќе го оддалечиме од телефонот, таблетот или компјутерот, настануваат проблеми со говорот, со вниманието и концентрацијата, а подоцна и со читањето и пишувањето. А кај некои деца се манифестираат и различни репетативни и стереотипни однесувања.

Се до некои три до четири години, детето треба да биде максимално оддалечено од модерната технологија. Во тој период детето треба што повеќе да го слуша говорот од околината, да се движи, да остварува допир, да остварува интеракција со луѓе и да биде изложено во природа. Со тоа ќе се овозможи создавање на една здрава подлога за развој на говорот кај детето, правилно држење на телото, билатерална координација и саморегулација. Потребно е детето да ја запознае својата околина, да оствари интеракција со истата, да слуша песнички, да игра најразлични игри, да станува мајстор за имагинарни игри, да добие стимулација за тактилната дразба, за фината и грубата моторика и за слушната перцепција.

Доколку настане отстапување во говорно-јазичниот развој, потребно е состојбата да биде навремено препознаена од страна на родителите или воспитувачите во градинките, а потоа истата да биде третирана од страна стручен тим – логопед и дефектолог. Дури и во случаи кога постои сомнеж за одредено отстапување, подобро е консултација со стручно лице, отколку одолговлекување и чекање некоја ,,чудесна” промена.

Да дозволиме технологијата нам да ни служи, не ние на неа. Повеќе да ги гушкаме, играме и бодриме децата во нивниот развој, а што помалку да ги доведуваме во контакт модерната технологија.

Автор: Бојан Богдановски, логопед

Leave a Reply