ЗА ПЕЛТЕЧЕЊЕТО – Gaspar Centar

Пелтечењето е состојба за која може многу да се зборува. Најразлични теории, автори, пристапи и видови на третман се појавиле низ годините, се со една цел, да се открие вистинската етиологија на пелтечењето, како и да се пронајде соодветниот третман за истото. Пелтечењето претставува нарушување на ритамот и темпото на говорот, кое се манифестира со повторување, продолжување или прекинување на некој глас, и покрај тоа што лицето точно знае што и како сака да каже.  Ова говорно нарушување е претставено со нарушена флуентност на говорот, прекината со грчеви, затреперување или абнормалност во фонацијата и дишењето, која може да биде провоцирана или засилена на психолошка основа.

Причини за појава на пелтечење

Како низ годините, па така и сега, етиологијата на пелтечењето е нешто што е во постојано истражување. Во голем број случаи, како кај деца, така и кај возрасни, причината за појавување на пелтечењето е непозната. Пелтечењето според голем број автори има полиетиолошка природа, па како некои од факторите кои влијаат врз појавата на пелтечењето би ги набројале:

  • генетски предиспозиции
  • невромускулни фактори
  • лингвистички фактори
  • психолошки фактори
  • неправилно дишење
  • фактори поврзани со средината
  • фактори поврзани со секојдневието
  • други причини

Видови пелтечење и симптоми

  • Физиолошко пелтечење – се јавува помеѓу втората и петтата година од животот, односно во периодот на говорниот развој. Претставено е со нетечно зборување, каде има повторување на почетните гласови, слогови или зборови . Во овој период од големо значење е посветеноста на родителите и околината кон личноста и говорот на детето, како физиолошкото пелтечење би исчезнало само по себе.
  • Примарно пелтечење – настанува кога детето е во развојна конфузија, односно кога треба да биде посветено и на говорните и на моторните вештини. Во суштина, примарното пелтечење не е вистинско пелтечење, затоа што детето почесто повторува гласови и слогови, прави паузи во говорот, но се уште не е свесно за своето неправилно говорење, ниту пак се напрега или труди да се корегира.
  • Секундарно пелтечење – или уште наречено и вистинско пелтечење. Се јавува со различни симптоми од различен степен, а детето е свесно за својата состојба и во голема мера таа му пречи. Дел од симптомите на секундарното пелтечење се: изразено неправилно дишење, силни запирања и повторувања на делови од зборовите или реченицата, напнатост на мускулите (особено на говорните органи), лоша слика за себе како лице кое пелтечи, тикови, потење, срам и непријатност кога настанува пелтечењето, избегнување на одредени говорни ситуации, како и намалена самодоверба.
  • Абруптно пелтечење – може да се јави во било која возраст од животот и најчесто настанува после доживеана физичка или психичка траума. Се јавува нагло со говорни потешкотии. Карактеристично е за пубертетот.

Пелтечењето се јавува во две форми на спазми: клонична и тонична.

  • Клоничната форма се карактеризира со повторување на почетниот глас или слог (пр. к-к-кола, ко-ко-кола, П-П-Петре)
  • Тоничната форма се карактеризира со изразено неправилно дишење, спазми на говорните органи при изговарање на гласовите и долги паузи
  • Мешана форма со клонични и тонични спазми
Пелтечењето кај децата најчесто се јавува како физиолошко пелтечење, како автентично или како комуплсивно-спастично пелтечење во развојниот период.

Пелтечењето кај децата најчесто се јавува како физиолошко пелтечење или како автентично, комуплсивно-спастично пелтечење во развојниот период, додека пак кај возрасните може да се јави како: пелтечење од органски тип (епилепсија, експресивна афазија, Паркинсонова болест), пелтечење од невротски тип (анксиозни, експлозивни, агресивни, хиперсензитивни  личности),  пелтечење од хистеричен тип (непосредно по доживеан стрес, кое може да биде пропратено со афонија), пелтечење во склоп на тахифемија (тахифемија и логореа), како и пелтечење во склоп на длабоки пореметувања  на личноста (Border line синдром и психотични пореметувања).
Тешката форма на пелтечењето се карактеризира со силни запирања во говорот проследени со безгласно отварање и затварање на устата, повторување и продолжување на гласовите и слоговите, вметнување на неадекватни гласови кон одредениот збор, чувство на анксиозност и срам, намалена самодоверба, надувување на образите, трепкање со очните капаци, срам, потење, триење на рацете или тегнење на ракавите, тикови (пр. движење со телото напред-назад за време на пелтечењето, замавнување со главата), како и ,,измореност” и страв од говорот. Стравот од говор подоцна доведува до посилно пелтечење.

Третманот е строго индивидуален, затоа што секогаш состојбата на едно лице кое пелтечи е различна од состојбата на друго лице кое пелтечи. Ефективниот третман вклучува системски пристап и најчесто бара учество на неколку специјалисти: логопед, невролог, психолог и психијатар.
Невролошкиот преглед е оној кој треба да разгледа дали постои органска причина како на пример мускулни спазми, епилепсија, експресивна афазија, церебрална парализа, Паркинсонова болест и слично, за појава на пелтечењето. Психијатарот е оној кој ја проценува психолошката состојба на лицето кое пелтечи и по потреба  применува фармакотерапија за ублажување на симптомите на страв, анксиозност и депресија. Психолошката поддршка е неминовна за надминување на сите оние психолошки тегоби кои ги носи пелтечењето.
Логопедот е оној кој воглавно го препознава и дијагностицира пелтечењето, го прави планирањето и следењето на говорната терапија, и на крај ги елаборира добиените резултати и успехот од говорната терапија.
Во логопедската пракса се применуваат најразлични методи за пелтечење, меѓу кои се: техники за релаксација, техники за дишење, автоген тренинг, сугестија, терапија за контрола на брзината на говорот, ритамот и темпото, свесна синтеза на развојот, асертивен тренинг, метода на Чевељева, техника на пасивно издишување, маскинг-оглушување, терапија на десензитизација, ДАФ систем, како и голем број други техники.

Логопедски третман

Во секојдневната логопедска пракса  често се среќаваме со клиенти кои пелтечат и кај кои логопедските третмани имаат голем придонес во подобрувањето на состојбата. За тоа како се одвива еден логопедски третман ќе ве запознаам преку еден третман од моето искуство (личните доверливи информации не се оддаваат).
На преглед се јавува клиент на возраст од 17 години кој пелтечи. Неговото пелтечење започнало на 14 години. Клиентот и неговите родители велат дека неговото пелтечење започнува уште во основно училиште, од оној момент кога е изложен на врсничко насилство – булинг (голем број тинејџери кои пелтечат, на преглед булингот го претставуваат како причина за почеток на нивното пелтечење). Пелтечењето започнало на тој начин што клиентот чувствувал тензија додека зборува и ги повторувал почетните гласови од одредени зборови. Со тек на времето, пелтечењето станало поизмачувачко за клиентот, почнал да ги повторува почетните слогови од одредени зборови, да вметнува гласови неадекватни за одредениот збор, да запира во зборувањето, да чувствува напнатост во вратот додека пелтечи  и да се поти додека зборува. Клиентот вели дека со самото започнување на пелтечењето се намалила неговата самодоверба, почнал повеќе да се срами, се чувствувал анксиозно и потешко воспоставувал контакт и дружба со своите врсници. Според информациите од родителите, во семејството не се среќава член кој пелтечи или пелтечел.
Клиентот по логопедскиот преглед е упатен на психолошка и неурофидбек проценка. Во однос на овие две проценки, се насочува на тоа дека клиентот се наоѓа во една анксиозна состојба, се чувствува вознемирено и има голем пад на самодовербата, што во голема мера влијае и врз говорот. Психотерапијата во вид на Гешталт терапија се применува еднаш неделно, додека пак неурофидек третманите се применуваат три пати неделно.

Логопедот е оној кој воглавно го препознава и дијагностицира пелтечењето, го прави планирањето и следењето на говорната терапија, и на крај ги елаборира добиените резултати и успехот од говорната терапија.

Логопедските третмани одат паралелно со психолошките и неурофидбек третманите. Логопедските третмани се изведуваат два пати неделно, со дадена програма за вежбање и дома. Клиентот покажува дисциплинираност, упорност и мотивираност.
Третманите започнуваат со техники за дишење и релаксација. Техниките за дишење имаат за цел да го научат клентот на бавно длабоко стомачно дишење, кое се поврзува со мир и релаксација, и одвикнување од краткото плитко дишење, кое се поврзува со стрес и вознемиреност. Техниките за релаксација се одвиваат на тој начин што клиентот легнува на кревет, во затемнета и проветрена просторија, каде во позадина е пуштена релаксирачка музика, започнува да дише длабоко на стомак, со што се фокусира на дишењето и опушта група по група мускули од телото. Кога фокусот ни е на дишењето, тогаш нема простор за негативни мисли, а фокусот е нешто што можеме да го тренираме преку вежби, па така ќе добиеме и психички мир и себезапознавање.

По овие техники се започнува со терапија за контрола на  брзината на говорот, темпото и ритамот. Клиентот чита текст или повторува по логопедот, на тој начин што со претходно длабоко вдишување – издишува и го развлекува говорот, односно зборовите и речениците, со што се елиминираат спазмите на мускулатурата. Постојано клиентот се охрабрува и се мотивира, затоа што во логопедот, односно во мене гледа голема поддршка и доверба.

                    Еден месец по применетите третмани се забележува значително намалување на пелтечењето, како и зголемување на самодовербата кај клиентот. Потоа се започнува со метод на свесна синтеза на развојот (Ц. Брајовиќ).
                   По оваа метода, во првата фаза клиентот се труди што поубаво и посмирено да пишува, а при пишувањето да пее тонови со различна висина. Додека пее високи тонови ги запишува буквите со тенок фломастер, односно линија, а кога ги пее ниските тонови ги запишува буквите со дебел фломастер (линија). За време на пеењето ја контролира и менува отвореноста на усната шуплина, односно извршува специјализација со што се остварува активација-инхибиција на двете страни на лицето.
                   Во втората фаза, клиентот користејќи ги досега научените техники, меѓу кои и  специјализацијата, чита текстови на глас. Се читаат по неколку зборови, прво во себе, па на глас. По совладувањето на читањето без потешкотии во говорот се преминува на третата фаза.
                    Во третата фаза, клиентот остварувајќи го контактот со очи, одговара на прашања, со што помалку зборови кажува повеќе, а при појава на спазми веднаш се фокусира на дишењето, односно говорот го става под својата свесна контрола.

                   Четири месеци по започнувањето на логопедските третмани и максимална посветеност на истите од страна на клиентот, пелтечењето е одлично регулирано, па скоро и да не се забележува од страна на лице кое не е стручно. Потоа третманот продолжува со асертивен  тренинг, за тоа како клиентот да гледа позитивно на себе, на пелтечењето, на целиот период низ кој минал со пелтечењето, како да го намали стравот од пелтечењето, да прекине да ги избегнува ситуациите во кои најмногу пелтечи и како да постапи во случај некогаш да се повтори пелтечењето.

                   После пет месеци напорна работа и голема вложеност и посветеност, клиентот има свесна контрола врз својот говор и пелтечењето не се забележува во говорот, клиентот добива на самодоверба, се чувствува мотивирано и гледа на проблемите во животот како на нешто што се случува со причина за да биде подобро.
Клиентот е испишан, дадена е програма за работа од дома, а благодарноста од негова страна и од страна на неговите родители е нешто што мене најмногу ми значи. Контролите продолжуваат на три месеци.

Совети за родителите и лицата кои пелтечат

  • Одржувајте контакт со очите додека зборувате
  • Свретете го вниманието кон содржината на пораката, а не кон начинот на кој е кажана
  • Однесувајте се кон лицето кое пелтечи како кон лице кое не пелтечи
  • Прифатете ги неправилностите во говорот и не го карајте и ,,казнувајте” детето поради тоа
  • Не дозволувајте вие или некој друг да збори место лицето кое пелтечи
  • Пофалувајте го детето кога правилно ќе ги исполни своите задачи
  • Дишете длабоко на стомак, а не плитко на гради
  • Секогаш кога ќе осетите дека ќе се појави пелтечењето, земете воздух, па кажете го зборот
  • Читајте бавно приказни и раскажувајте ги (се препорачуваат содржини со позитивна и мотивациона содржина)
  • Земете длабоко воздух и пејте
  • Цртајте
  • Користете го слободното време за одмор и релаксација
  • Трудете се да живеете во мирна и спокојна атмосфера
  • Избегнувајте трауматски ситуации, како и нешта кои ве вознемируваат
  • Користете го слободното време за прошетки во природа

Пелтечењето е состојба која негативно влијае врз секојдневието на личноста која пелтечи. Доколку вашето дете или пак вие пелтечите, секогаш консултирајте се со логопед. Пелтечењето е состојба за која постои третман!

Пишува: Бојан Богдановски, логопед

Leave a Reply