КАКО ДО ПОДОБАР УЧИЛИШЕН УСПЕХ | Gaspar Centar

Училишниот успех предизвикувал голем интерес кај многубројни истражувачи. Под училишен успех се подразбира знаењето кое ученикот го стекнува и оценките кои претставуваат резултат на тоа знаење. Освен од самиот процес на едукација, училишниот успех претставува комплексна конструкција која е условена од повеќе фактори.

Во литературата се наведени следните фактори:

  • педагошки фактори (стил на учење, атмосфера во училиштетото и во одделението)
  • социолошки фактори (социоекономски и културен статус на учениците)
  • психолошки фактори (карактеристики на личноста на ученикот, мотивираност, ставови и сл.)

Факторите кои влијаат на училишниот успех можат да се поделат и на надворешни и внатрешни фактори. Секоја група е составена од повеќе елементи.

Во надворешните фактори спаѓаат:

  • семејството на ученикот;
  • училиштето;
  • социјалната средина.

Во внатрешни фактори вклучително и карактеристики на личноста, спаѓаат:

  • интелигенцијата;
  • мотивацијата;
  • здравствената состојба на ученикот.

Повеќе од половина век психолозите се обидуваат да откријат како индивидуалните одлики на поединецот влијаат врз неговите способности и постигнувања. Сепак психолозите се неодлучни дали интелигенцијата е единствената способност која е заслужна за постигнувањето успех.

ИНТЕЛИГЕНЦИЈАТА се третира како способност за адаптирање во непознати ситуации, решавање проблеми, апстрактно мислење, комуникација како и капацитет за учење. Иако значењето на интелигенцијата е неоспорно, голем број на психолози истакнуваат дека училишниот успех најмногу зависи од карактеристиките на личноста. Повеќе емпириски истражувања, обидувајќи се да го објаснат училишниот успех, наведуваат пет карактеристики на личноста:

  • екстровертност
  • невротичност
  • отвореност
  • согласност
  • совесност

ЕКСТРОВЕРЗИЈАТА е една од карактеристиките на личноста која има најдинамичен однос кон училишниот успех. Помалата загриженост и поголемиот оптизам на некој начин ги прават учениците поуспешни според одредени истражувања. Екстроверзијата е карактеристика за степенот на дружељубивост на поединецот. Поединците кои постигнуваат висок скор на тестовите за екстроверзија се многу друштвени, енергични, оптимистични и пријателски расположени. Екстроверзија се дефинира како количество и интензитет на интерперсонална интеракција, опфаќајќи особини како што се и активност и смелост. Оваа димензија исто така може да се толкува како амбиција (иницијатива).

НЕВРОТИЧНОСТА се однесува на степенот на емоционална стабилност и на способноста за приспособување на поединецот кон околината. Невротичноста е мерка за емоционална стабилност наспроти нестабилноста. Невротичните личности се карактеризираат со големи промени во расположението и емоционална нестабилност, како и анксиозност и депресија. Невротичноста ги одразува индивидуалните разлики во диспозицијата кон конструирање, перцепција и чувство на закани во реалноста.

Имагинацијата, креативноста, љубопитноста, оригиналноста, уметничкиот сензибилитет, дивергентното размислување, подготвеноста да се разгледаат нови идеи и отвореноста кон нови искуства се поврзани со карактеристиката отвореност. Поединците кои ги поседуваат ваквите карактеристики се неконвенцијални и независни мислители.

СОГЛАСНОСТА се однесува на карактеристиките на поединецот кои се релевантни за социјалната интеракција. Оние кои имаат висок скор на тестовите за мерење на согласноста се сочувствителни, љубезни, скромни, флексибилни, доверливи, кооперативни, толерантни, па со самото тоа и корисни за општеството во кое што живеат.

СОВЕСНОСТА го опишува степенот на самодисциплина и контрола на поединецот. Поединците со висок скор на оваа карактеристика се оргазнизирани, потврдени и склони кон планирање на настаните во својот живот. Поединците со низок скор покажуваат тенденција да бидат безгрижни, независни, без склоност кон планирање и оддалечени од своите животни цели. Атрибутите на совесните лица најчесто се повеќе истакнати во работните ситуации, пред се затоа што имаат силна волја и се стремат кон постигнување успех. Совесноста исто така опфаќа многу аспекти кои се важни и за успехот во училиште: ефикасност, систематичност, уредност, стабилност и организираност. Затоа совесноста покрај интелигенцијата се издвојува како најважен предикaтор за успехот во училиште. Совесните ученици се оценуваат како одговорни, упорни, организирани, вредни и самоефикасни. Учениците кои се проценуваат како самоефикасни и веруваат во себе вложуваат поголем труд и сериозно ги доживуваат обврските.

Покрај горенаведеното, во изминатите години е забележан пораст на интересот за истражување на социјалната прифатеност кај средношколците. За време на средношколските денови, голем дел од времето на учениците е поминат во училиштето и со своите соученици. Токму поради тоа социјалната прифатеност има важна улога во периодот на адолесценција. Социјалните интеракции ги насочуваат активностите кон подобри училишни резултати. Врсниците се важен фактор во процесот на развој на детето затоа што му овозможуваат совладување на одредени облици на однесување (на пример, толеранција и алтруизам). Во средното детство, врсниците исто така играат важна улога во животот на децата. Добрите односи со врсниците, не само што влијаат врз нивното постојано психосоцијално прилагодување и школување, туку влијаат и врз нивната психосоцијална адаптација во адолесценцијата, па дури и во зрелоста. Учениците кои отстваруваат позитивни односи со врсниците манифестираат просоцијално однесување и најчесто изразуваат позитивен став кон воспитно-образовната средина, па дури и подобар училишен успех. Прифатеноста од одделенските пријатели претставува академска и социјална цел која има директно и позитивно влијание врз училишниот успех. Интеракцијата помеѓу врсниците отстварува големо влијание на социоемоционалниот и когнитивниот развој на поединецот. Токму затоа врсниците се значајни и за развојот и усовршувањето на социјалните вештини на поединецот. Низ самиот процес на интеракција со врсниците, низ компромиси и преговарање, анализирање на однесувањето на другите, децата учат важни социјални вештини кои не би биле во состојба да ги научат во односите со возрасните. Позитивната интеракција со врсниците учествува и во созревањето на емпатијата.

Постигнете подобар училишен успех кај вашето дете преку:

  • Создавање на позитивна слика на детето кон себе

Децата кои имаат позитивна самоперцепција се охрабруваат и се доживуваат компетентни со останатите врсници. Додека пак учениците со негативен став кон себе се спречуваат во ефикасното и квалитетно учење.

  • Рутини и стекнување на работни навики

Преку стекнување на навики/рутини мозокот постигнува автоматизација со чија помош штеди енергија. Целиот процес е дел каде што родителите пред се треба да бидат вклучени. Самиот успех на горенаведеното во голема мера зависи и од дисциплината.

  • Самостојност

Самостојност при совладување на училишните активности каде што спаѓа и самостојното разбирање како и пронаоѓање на решенија за проблематиката во која се наоѓаат. Со самостојноста се стимулира чувството на независност како и повисока самодоверба која што понатаму прераснува во преземање на иницијатива.

  • Демотивација

Важно е родителите да им објаснат на своите деца дека не секогаш ќе бидат успешни во сите активности. Важно е да се потенцира дека од секоја ситуација на неуспех треба да произлегува поука како и мотивација за што поголем напредок. Кај демотивираните деца се покажува намален училишен успех токму од активностите во кои не покажуваат феноменални резултати како своите врсници.

Апел до родителите

  • Имајте очекувања од своето дете согласно неговите способности;
  • Секогаш бидете мотивирани за да пренесете што повеќе информации, но не ги форсирајте своите деца;
  • Бидете во контакт со наставниците бидејќи самите средби овозможуваат поголем увид во позадината на детето. На тој начин ќе ги откриете евентуалните потешкотии, пропусти, а истовремено ќе го поттикнете нормалниот тек на развој на детето при што ќе добиете максимални ефекти;
  • Пренесете му на детето позитивен став кон училиштето, училишните обврски, наставниците;
  • Бидете дел од училишното секојдневие на детето, интересирајте се за активностите во и вон училиштето;
  • Применувајте повеќе комплименти, поттик, охрабрување наместо казнен пристап;
  • Доколку наидете на проблем, секогаш постапете смирено кон своето дете, опуштете го, дадете му слобода да размислува креативно. Така ќе постигнете пронаоѓање на повеќе решенија;
  • Давајте им инструкции чекор по чекор за активности кои потешко ги совладуваат;
  • Kористете дневен распоред на активности кои што ќе ви го организираат денот каде ќе ги вклучите и училишните активности.

Во семејството преку родителите се стекнуваат првите модели за имитација и идентификација на децата. Затоа: БИДЕТЕ МОДЕЛ НА ОДНЕСУВАЊЕ, ЗА ВАШЕТО ДЕТЕ!

Катерина Милеска

неурофидбек терапевт

Leave a Reply