Skip to main content

Мозокот е структура на централниот нервен систем кој е поделен во две хемисфери (лева и десна). Секоја хемисфера има четири лобуси. Лобусите се големи површини кои имаат одредена локација и се поврзани со одредени функции. Лобусите се распоредени како:

  • фронтален лобус;
  • париетален лобус;
  • темпорален лобус;
  • окципитален лобус.

Фронталните лобуси се лоцирани зад челото и се одговорни за многу функции кои се витални за изведување на секојдневни активности. Истите се најголеми и зафаќаат една третина од мозокот. Левата и десната страна на фронталниот лобус вклучуваат различни функции. Десниот фронтален лобус е поврзан со невербални вештини, додека пак левиот фронтален лобус е поврзан со јазичното изразување.

Фронталниот лобус игра улога во повисоките функционирања на мозокот. Ова вклучува:

  • волеви движења (движења кои ги контролираме) на спротивната страна на телото;
  • секвенца на комплексни движења (облекување, држење чаша);
  • говорна и јазична продукција на доминантен фронтален лобус (спротивно од доминантната рака);
  • внимание и концентрација;
  • организација и планирање;
  • работна меморија;
  • резонирање и расудување;
  • решавање на проблеми;
  • регулација на емоции, расположение, вклучувајќи го препознавањето на емоции кај другите;
  • мотивација, задоволство и среќа;
  • контрола на импулсивност.

Оштетувањата на моторната зона доведуваат до појава на пареза/парализа на спротивната страна. Оштетувањата на заден дел на средна фронтална вијуга дава аграфија. Каталепсија е синдром на фронтален лобус каде што екстремитетот останува во онаа положба во која се поставува. Се јавува исто така и кататонија која е еден од знаците на шизофренија кај фронтално локализирани тумори. Поради двострана повреда на лобусот се јавува и атаксија. При оштетување на терцијално моторно поле се јавува апраксија т.е нарушувања на координацијата на движењата на мускулите потребни за изведување на одредено движење. Во оваа зона се наоѓа психомоторниот или кинестетичкиот центар:

  • центар за исправено одење;
  • центар за пишување со рака;
  • центар за мимично изразување;
  • центар за голтање, џвакање;
  • моторен центар за движење на очите.

Фактори кои може да доведат до оштетување на фронталниот лобус се:

  • трауми на глава;
  • мозочен удар;
  • инфекции на мозок;
  • тумори на мозок;
  • мултипна склероза;
  • невродегенеративни нарушувања:

Алцхајмерова болест

Паркинсова болест

Хантингтонова болест

Потенцијални симптоми кои се јавуваат се:

  • губиток на движења (пареза или парализа) на спротивната страна од телото;
  • тешкотии во изведување на задачи кои бараат секвенца од движења;
  • проблеми со говор или јазик (афазија);
  • сиромашно планирање и организирање;
  • проблеми во задржување на концентрација и внимание;
  • намалување на мотивација;
  • промени во расположение;
  • лимитирана можност за интеракција и иницијација;
  • драстични промени во карактер и однесување што може да вклучи: апатија, иритабилност и несоодветно социјално однесување.

Дополнителни тешкотии може да вклучат:

  • бавно критичко размислување;
  • нетрпение;
  • импулсивност, деструктивно однесување;
  • абнормален или намален интерес за секс;
  • недостаток на спонтана фацијална експресија;
  • депресија;
  • несоница;
  • злоупотреба на супстанции.

Симптомите се манифестираат на различни начини, зависно од интензитетот на повредата како и тоа кој дел од фронталниот лобус е оштетен.

Веднаш по повредата во полето на детекција се прават КТ (компјутерска томографија) како и X-ray зрачење, магнетна резонанца за идентификување на оштетената ареа од лобусот. Бидејќи фронталниот дел е тесно поврзан со однесувањето, невроспихолог треба да изврши одредени тестови за да се проценат одредени вештини. Фамилијарна анамнеза, анамнеза од пациентот како и информативен разговор со пријатели и сл. може да помогнат при идентификување на надворешните промени во однесувањето кои се случиле. Оттаму, се спроведува рехабилитационен план кој ќе ја доведе индивидуата најблизу до нејзиното претходно функционирање.

Рехабилитација и третман вклучува:

  • физикална терапија (мобилност, сила и флексибилност);
  • окупациона терапија (стекнување на стратегии за полесно изведување на дневни активности како што се: облекување, јадење, бањање);
  • логопедски третмани;
  • когнитивна терапија (планирање, расудување, меморија);
  • психолошка терапија (подобрување на односи, емоционални одговори);
  • операција (во случај на повреда или тумор).

Во некои случаеви оштетувањето е перманентно како кај невродегенеративните болести. Тогаш третманот вклучува и медикаменти.

Текстот го напиша: Катерина Милеска – едукација на клиничка невропсихологија и неурофидбек терапевт

Leave a Reply