Skip to main content

Планирањето и рехабилитацијата на лицата по ларингектомија е тема за која премалку се знае и премалку се зборува во јавноста, а потребата за истите е се поголема и поголема, па голем број од пациентите не знаат каде да се обратат по оваа хируршка интервенција и како да го надокнадат својот изгубен глас. Затоа ја користам оваа прилика да зборуваме на оваа тема.

Што е ларингектомија?

Тотална ларингектомија претставува екстензивен мутилирачки хируршки зафат со кој се отстранува гркланот (ларинксот) во целост, а може да биде проширен во делот на вкрстување на аеродигестивниот пат и артикулаторните структури, надворешните мускули на вратот и лимфните јазли. Со тоталната ларингектомија се отстранува гркланот во целост, а најчестата причина која доведува до ларингектомија е карцином на ларинксот.

Причини за појава на карцином на ларинксот

Карциномот на ларинкс зазема 2% од сите карциноми и претежно ги погодува мажите во периодот од 50 – 70 година од животот, иако, истиот ги погодува и жените. Причини кои што можат да доведат до појава на карцином на ларинкс се: алкохол, пушење, пасивно пушење, GERB, ларингеална папиломатоза, изложеност на хемиски материи (азбест, никел, хромна прашина…), низок социо-економски статус и друго.

Симптоми

Симптомите зависат од локализацијата на карциномот во ларинксот. Главниот симптом кој се јавува е зарипнатоста. Кога се појавува зарипнатост и истата трае повеќе од три недели, потребно е да се направи преглед на грлото, затоа што таа може да укажува на сериозно заболување на ларинксот. Кога карциномот е локализиран на гласниците, зарипнатоста се јавува многу порано. Акустичната перцепција на пореметените – патолошки вибрации на гласилките ја нарекуваме дисфонија. Во понапредниот стадиум може да се појави и отежнато дишење, отежнато голтање, болка во пределот на ларинксот, воспалување.

Планирање на пациенти со ларингектомија

Планирањето на пациентите подразбира предоперативно советување, комуникациско советување и подготовка за логопедско-рехабилитациски третман (говорна терапија).

1. Предоперативно советување

Првото прашање кое минува низ главата на пациентот и неговото семејство е дали пациентот ќе преживее и дали воопшто ќе може да зборува и јаде. Тоа е една состојба со преплив на емоции на страв, лутина, разочараност и безизлез, па од таа причина предоперативното советување е од големо значење. Советувањето треба да биде извршено од страна на хирург-онколог, оториноларинголог и логопед. Логопедот во соработка со хирургот-онколог и оториноларингологот потребно е да го запознае пациентот со неговата состојба, со оперативната процедура, со последиците од оперативниот зафат, со тоа дека гласовната кутија ќе биде отстранета, а пациентот ќе има потреба да научи нов начин на комуникација, каков е тој начин на комуникација, дека дишењето ќе се изведува преку стома (отвор) на предната страна на вратот, што пациентот повеќе нема да може по ларингектомијата, како и советувањето да служи за намалување на стравот, паниката и стресот.

2. Комуникациско советување

Пациентот се отпушта од здравствената установа десет дена по оперативниот зафат, кога и веќе треба да се започне со логопедско-рехабилитациски третман. Она што најпрво му се нуди на пациентот е рехабилитација со електроларинкс, како најбрзо и наједноставно надокнадување на изгубениот глас. Секако во овој период му се објаснуваат на пациентот сите методи за комуникација, како тие звучат и како тие се изведуваат. Одлуката за која метода ќе се примени не мора да биде донесена пред самиот оперативен зафат, но праксата покажува дека предоперативното запознавање на пациентите со методите за комуникација има позитивно влијание врз психолошкиот момент ( на пример: запознавањето со механичкиот звук од електроларинксот во однос на поприродниот звук на езофагеалниот говор и провокс протезата). Најважно во текот на комуникациското советување е тоа пациентот да биде запознаен со тоа дека и покрај тоа што ќе го изгуби својот глас, ќе може да научи нови методи и притоа, по завршувањето на оперативниот зафат ќе има можност за долготрајна поддршка од логопед.

3. Подготовка за говорна терапија

Говорната терапија значи логопедско-рехабилитациски третман и со истата може да се започне десет дена по оперативниот зафат, односно колку побрзо се започне, толку повеќе ќе се скрати процесот на психичка депривација поради губењето на гласовниот говор, како ќе се спречи и појавата на несакани компензаторни механизми. Во овој период пациентот се запознава со новиот метод на комуникација и како тој се изведува.

Логопедско-рехабилитациски третман

Вербалната комуникација кај ларингектомираните пациенти може да се изведе преку три методи: вештачки ларинкс, езофагеален говор и формирање на трахеоезофагеални фистули и говорни протези. При сите три метода е потребен логопедско-рехабилитациски третман.

А) Вештачки ларинкс

Говорната терапија со вештачкиот ларинкс почнува десеттиот ден постоперативно кога веќе местото на хируршкиот зафат е доволно заздравено. Постојат пневматски вештачки ларинкс и електронски вештачки ларинкс ( пласиран во устата и пласиран на вратот), поделени во однос на природата на изворот на енергија. Говорната терапија се изведува на тој начин што се вежба правилна поставеност на вратот со пронаоѓање на зони на оптимална вибрација на вратот и рамно поставување на уредот на вратот. Недостатокот на вештачките ларинкси е металниот механички звук кој се добива при зборување, па од таа причина пациентот се учи на бавен говор со нагласени артикулациски движења, како би бил подобро разбран. Уредот се управува со пасивната рака, како доминантната би била слободна за зборување на телефон и пишување.

Б) Езофагеален говор

Езофагеалниот говор е најстариот метод за надокнадување на изгубениот говор кај ларингектомираните лица при кој се постигнува глас со усвојување на нови функционални навики на преостанатите анатомско-физиолошки структури за говор. Со рехабилитација се започнува по завршување на хируршкиот зафат и радиотерапијата, односно тогаш кога хирургот-онколог ќе даде согласност. За усвојување на овој метод е потребно време од четири месеци до една година, при што се вежба правилно дишење, создавање резервоар на воздух, создавање нов глотис (неоглотис), испуштање на задржаниот воздух и моделација на истиот со артикулаторните движења.

В) Трахеоезофагеални фистули и говорни протези

Т-Е фистула претставува канал или фистула помеѓу трахеата и езофагусот која се формира по хируршки пат и претставува пункција на задниот ѕид на трахеата и предниот ѕид на езофагусот. Логопедско-рехабилитациските третмани се изведуваат пред огледало, на тој начин што е потребно пациентот длабоко да вдише, да го постави палецот од пасивната рака врз стомата и да направи обид за зборување. Може да се користат и протези кои можат да се постават примарно, за време на ларингектомијата или пак секундарно, со ендоскопска инсерција во постоперативниот период. Денес се користат Провокс протезите кои овозможуваат одлична гласност и разбирливост, како и пократок период на рехабилитација. Протезите се едноставни за пласирање, долготрајни, едноставни за одржување хигиена, со одличен проток на воздушна струја.

Кај ларингектомираните пациенти честопати се појавуваат и проблеми со чувството за мирис и проблеми со голтањето, што повторно бара логопедско-рехабилитациски третман.
Логопедско-рехабилитацискиот третман може во голема мера да го подобри секојдневното функционирање и комуницирање на лицата по ларингектомија. Доколку сте лице со ларингектомија или пак имате член во семејството кој минал низ овој оперативен зафат, силно ве охрабрувам да побарате стручна помош од логопед.  Заедно можеме повеќе!

Пишува: spec.cl.slp. Бојан Богдановски, клинички логопед – специјалист

Leave a Reply