Skip to main content

Систематските прегледи кај логопед се прават од рана возраст на детето, а со истите се почнува од 6 до 36 месеци. Задолжителен преглед кај логопед се препорачува на возраст од 4 години, како и пред тргнување на детето во училиште. Периодот на преминување од градинка во училиште како за децата, така и за родителите претставува голема промена и во овој период родителите постојано дискутираат за тоа дали нивното дете е спремно за таквата промена.

Кога е во прашање говорно-јазичниот развој на децата треба да се знае дека дете од шест години треба правилно да ги изговара сите гласови на својот мајчин јазик. Говорот на децата на оваа возраст е граматичен, можат да раскажуваат приказни кои веќе ги слушнале, знаат да се претстават, да кажат каде живеат, со кого живеат, колку години имаат, знаат да ги набројат деновите во неделата, месеците во годината, годишните времиња и нивните карактеристики, ги разликуваат односите меѓу членовите на семејството (татко, мајка, брат, сестра…), разликуваат бои и вкусови, а речникот им е составен од 2000 – 3000 зборови. На шестгодишна возраст детето ги употребува и зборовите со апстрактно значење и може да разликува римувани зборови, а покрај тоа ги има совладано и сите времиња (минато, сегашно и идно). Во овој период децата имаат развиено просторна и временска ориентација, разликуваат лева и десна рака, знаат да наредат предмети по големина и да вршат споредба меѓу нив. Децата кои тргнуваат во училиште треба да можат да се грижат сами за себе и своите лични работи, да почитуваат правила, да имаат позитивна слика за себе и развиени социјално – комуникациски вештини. Голем број од децата знаат и сами да си го напишат своето име. Исто така, важно е детето да знае правилно да го држи моливот, неговата шака и прсти да се флексибилни, да знае да повлече јасна линија од  точка до точка, да знае да прецрта форми и да знае да поврзе гласови во збор и да го подели зборот на слогови. Доколку се забележи дека детето не може да ги раздели зборовите на слогови или тоа го прави погрешно, важно е да се посети логопед затоа што таквите потешкотии подоцна можат да предизвикаат тешкотии во читањето и пишувањето затоа што за развојот на читањето и пишувањето е важна фонолошката свесност која треба да биде развиена во шестата година од животот на детето. Фонолошката свесност опфаќа способност за разделување на зборовите на гласови и составување на збор од гласовите, поврзување на фонемите со графемите и разбирање на напишаното.

Советуваме да се побара стручна помош од логопед, доколку во период од 5 и 6 години детето: -Не се изразува употребувајќи сложени реченици кои се граматички правилни, не може да раскаже некое животно доживување, не покажува интерес за учењето, тешко ги изразува своите мисли, нема развиено фонолошка свест, не може да спореди величини (пр: големо-мало), не поврзува број со количина, не го држи правилно моливот, има тешкотии во фината моторика (откопчување, закопчување…), не извршува сложени наредби, не разбира што му се кажува со збор расчленет на слогови (пр.ма-ма), не може да подели збор на гласови, не разликува кој е почетниот глас во именуван збор, нема ориентација во простор и време, не ги изговара правилно сите гласови од мајчиниот јазик или истите ги заменува и/или испушта.

Успехот е во навремениот и ран пристап кон третман, затоа родителите се советуваат да побараат стручна помош веднаш штом се посомневаат дека говорно-јазичниот развој на нивните деца не оди по очекуваниот тек за одреден развоен период.

Пишува логопед: Викторија Сиљаноска

Leave a Reply