Skip to main content

Обединетите Нации ја класифицираат детската игра како не само потреба, туку и вродено право на секое дете. Секако, има и причина зошто – детската игра е неопходна во развојот на социјалните, емотивните, и телесните способности на детето. Нажалост, како што постарите честопати навестуваат, денешните деца не си играат како некогаш. Некои психолози и научници ја препишуваат оваа појава на родителите, кои несомнено поради инстинктивна грижа за добробитието на детето свесно или несвесно го насочуваат кон поригорозно традиционално учење, наместо да му дозволат да го осознае светот преку невина детска игра. Додека се запрашуваат себеси, или пак негувателките и учителките, за кога детето ќе почне да учи математика или некоја слична струка, тие забораваат дека тоа всушност ги создава основите за тие подрачја преку – да, точно погодивте – игра.

Постојат пет генерални видови на игра, и тоа: игра во која децата градат работи со коцки или слични предмети, игра која се одвива со бурно смеење и блага грубост, како борење, игра во која децата преземаат различни улоги од вистинскиот свет, или таканаречената драматична игра, игра со јасно дефинирани правила, како криенка, и релативно постојана игра која ја практикуваат поради забава, на пример превртување.  

Имено, според тоа кој ги создава правилата, детската игра може да биде: структурирана, односно регулирана од страна на родител или друго постаро лице, неструктурирана, или регулирана од страна на самото дете и полу-структурирана, претставувајќи игра чии правила се одредени рамноправно од страна на детето и родителот, акцентирајќи ги желбите и интересите на детето (Barreiro, 2016).

За детската игра е клучно да е примарно неструктурирана; со тоа што им се дава автономија на децата во креирањето на нивната игра, тие се здобиваат со круцијални квалитети за нивното растење како емотивни, социјални, интелигентни адолесценти и возрасни лица.

При игра, детето има можност да учи основни математички и просторни концепти преку редење коцки или градење замоци од песок, со што ја зајакнува неговата координација меѓу рацете и очите, која е неопходна за држење на молив, пишување и слични активности.

Игрите како фудбал и кошарка за кои е потребна сила и кои го активираат кардиоваскуларниот систем допринесуваат до физичкото здравје на детето, зајакнувајќи ја неговата кондиција, како и прецизност во моторните функции.

Преку уметнички активности, како цртање или танцување, но и преку игри ориентирани околу решавања на загатки и сл., децата ја развиваат нивната имагинација, креативност и способност за решавање проблеми. А, пак, со тоа што во драматичните игри децата влегуваат во улога на родител, витез, или полицаец, тие се подготвуваат за возрасниот свет и вежбаат важни социјални вештини како преговарање, толеранција и кооперација, но, учат и позитивно да реагираат на правила и да решаваат конфликти при што правилно ги протолкуваат и земаат предвид чувствата и ставовите на другите, претворајќи се во луѓе со висока емоционална интелигенција (Spodek, Saracho, 1998; Smilansky, Shefatya, 1990).

Сите работи кои децата ги учат преку играта се витални за нивниот академски успех. Психолозите Смилински и Шефатја потврдуваат дека успешноста во комуникација со родителите, соучениците и наставниците од страна на децата, односно користењето на претходно наведените атрибути,  значително придонесува до успехот на децата во учењето и разбирањето на предадениот материјал.

Загрижувачко е дека децата се’ помалку имаат слободно време за игра. Професорот по психологија д-р Питер Греј за ова вели „… Детската слободна игра континуирано се намалува, барем делумно поради зголемената контрола врз детските активности од страна на возрасните”, со што препорачува на детето да му е дозволена слободата да учествува во неструктурирана игра која е наменета за него и само него. Навистина, премалку игра во годините каде што детето допрвин се развива може да води до неспособност за само-контрола, анксиозност, хроничен стрес, а дури и рана депресија.

Иако неструктурираното играње меѓу децата е еден од најдобрите начини за самите да си ја градат самосвеста и се развиваат на психосоцијален и емотивен план, некои истражувања покажуваат дека и полу-структурираната игра со родителите може да има значителни позитивни последици врз децата, а може и да го зајакне односот меѓу децата и родителот. Додека родителите вербално и физички комуницираат со децата кај нив се ослободува хормонот окситоцин, кој исто така колоквијално е наречен “хормонот на љубовта”, несомнено поради неговата улога во формирањето на приврзаност, а дури и љубов меѓу луѓето (Feldman, Gordon, Schneiderman, Weisman, Zagoory-Sharon, 2010). За родителите во ваква ситуација е важно да покажуваат почит према детето и внимателно да ги слушаат сите негови идеи за играта. Со ваков став детето има поголеми шанси да порасне во самоуверена индивидуа која отворено се искажува.

Но, треба да се запази и дека во овие игри родителите можат свесно да вметнат поучни пораки. На пример, преку правилно разрешување на конфликт меѓу два лика од страна на родителите, поставувајќи се како пример за добро однесување, а потоа согледувајќи како детето ќе се справи во слична ситуација, родителите имаат увид во размислувањето на нивното дете, но и начин да му влијаат позитивно. Благодарение на таканаречените mirror неврони во мозокот, сите луѓе, а особено децата, ја поседуваат способноста несвесно да учат од примерите прикажани од соучениците или повозрасните лица, моделирајќи го нивното однесување. Токму овој феномен им овозможува на родителите да му влијаат на детето од најрана возраст, а еден од најдобрите начини за тоа да го постигнат е преку игра. 

Запамтете, за нас играта е само игра, но за нив таа претставува медиум преку кој се осознаваат себеси и светот.

Leave a Reply