Холистичка PLAY терапија со ЗАБАВА и ИГРА до поголеми резултати – Gaspar Centar

Каков пристап е холистичката терапија во психологијата?

Холистичката терапија е интегрирачки пристап во психологијата кој што помага за подобрување на целокупното функционирање на личноста на детето. Тука се вклучени сензорно- моторниот дел, емоциите, когнитивниот развој и ускладеното однесување. Холистичките терапевти веруваат дека првиот основен чекор е тоа што ја гледаат личноста како целина, а потоа се обидуваат да помогнат да стане свесна дека постои поврзаност меѓу нејзините емоции, мисли, искуството и духот. Подобрувањето на себе како целина доведува до поголема свесност, самодоверба и себе прифаќање. Кога настапува ова себе прифаќање во однос на состојбата, отпорот се намалува и создава состојба на смиреност при што стравот се надминува.

Холистичка плеј терапија со Соња Угриновска

Холистичката Play терапија која што е наменета за деца наоѓа примена во подобрување на:

  • сензо-моторните фунции на детето, совладување на емоциите и поттикнување на позитивните чувства како што се радост, задоволство, љубов и позитивно прифаќање;
  • остварување на социјални контакти и  когнитивните потенцијали преку развој на креативно размислување.

Зошто е важна играта во развојот на детето?

Играта на детето е есенцијална во неговиот развој, започнувајќи од најраниот контакт со мајката. Се презентира интеракцијата помеѓу детето и мајката која е огромен фактор за понатамошно развивање на самодовербата и себе прифаќањето. Преку првата игра која често е сокривање на лицето од фокусот на детето и повторно појавување, детето разбира за постојаноста на објектот и го надминува стравот од сепарација. Наспроти класичните теории дека играта ги развива само когнитивните способности, современите истражувања покажуваат дека играта е од големо значење за изразување на внатрешниот свет и за емоциите. Играта дава оптимални услови да се открие неговото ЈАС и да се развие способноста за симболизам. Играта која тука се применува е ограничена со правила, време и простор. Во намерата да игра детето ќе испробува, проучува, ќе ја процесира содржината и ќе се справува со средината.

Како се адаптираат децата во процесот на терапија и на кој начин треба да пристапи терапевтот?

На почеток е потешко да се адаптираат децата со оглед на тоа што многу од нив имаат страв од сепарација. Може да се појават емоции на страв и вознемиреност и во тој случај мора терапевтот да направи рефлексија на неговите чувства, да му каже :“ гледам дека  ти си вознемирен затоа што мама отиде, во ред е да бидеш тажен, но таа ќе се врати, а додека не се врати јас сум тука за тебе“. Мора да му покаже дека има соовдетна замена од некој што ќе се грижи за него. Потоа цело време терапевтот треба да биде контејнер за емоциите на детето, да не се плаши од нив и да не дозволи да влијаат на терапијата.

Кои деца учествуваат во процесот на плеј терапи.

Интензивна терапија на деца со аутистичен спектар, но секако може да се користи и со други деца кај кои емоционалните врски со родителите се неповолно воспоставени. Тука станува збор за деца со несигурни и амбивалентни чувства како и за деца кои избегнуваат врзување. Во терапијата се истражуваат односите и се воспоставуваат сигурни релации. Важна цел на терапијата преку подолготраен процес е да се развие можност кај детето полесно да ги совладува промените и да се адаптира на средината, да не се чувствува инфериорно туку среќно и задоволно.

Како изгледа средината за игра?

Собата за игра е безбедна и комфорна. Важно е средината во која се одвива терапијата да биде просторно организирана така што нема да има на дофат многу предмети што би го одвлекувале вниманието на детето. Аутистичното дете често се повлекува во својот простор, затоа пожелно е да се обезбеди мало удобно место кое ќе претставува комфорен простор и сигурна зона за детето за секогаш кога се чувствува анксиозно да може да се повлече. Од фокусот треба да се отстранат другите предмети бидејќи кога се почнува со една игра целото внимание се насочува кон таа игра.

За процесот на реципрочна плеј терапија

На почеток тоа може да биде обична лизгалка за топчиња, голема топка за вежбање на неговата сензорика или сложувалка, или било која игра во која детето се приближува и покажува афинитет. Од индивидуалниот фокус се пренасочуваат кон заеднички фокус. Во процесот на игра секое движење е пропратено со отворена комуникација и отворено изразување на емоциите како изненадување, радост, доживување на успех или неуспех во потезите. Реципрочниот однос значи дека терапевтот споделува со детето и наизменично го спроведува редоследот на двајца што играат, ги поставува правилата на играта и притоа мора да користи креативни идеи и секако да ги прифаќа можните идеи на детето. Се игра внимателно и од време на време се пренасочува вниманието од една игра на друга. Важно е внимателно внесување на промени во полето на игра. Промената е важна за да се поттикне позитивно прифаќање на средината која што е доживеана често како непредвидлива и да се адаптира личноста на промени. Се јавува потреба од детето да ја контролира ситуацијата, тука треба да се балансира моќта. Во тој процес се јавуваат негативни емоции, можни се тантруми и знаци на неприфаќање на ситуацијата и одбивање.  Децата во текот на контактот се водат според четири важни принципи и начини на однесување, кои степенасто преминуваат од еден во друг тип:

  • Да привлечат внимание
  • Да завземат контрола
  • Да покажат агресија како реакција на незадоволство и реваншизам
  • Да се повлечат како последен чекор и да ја прекинат комуникацијата.

Овие знаци треба веднаш да се препознаат и соодветно да се одговори на нив од страна на терапевтот.  За тоа е потребно постојано свесно следење на изразот на детето и на неговите реакции. Секогаш кога нешто не му дозволуваме на детето мора да најдеме соодветна замена која е прифатлива и врз која ќе се пренасочи вниманието. Можно е да има присуство на репетитивно однесување во кое често детето бара да се себестимулира и  во овој случај треба да се обезбеди соодветна замена за пренасочување на вниманието и активностите. Во овој момент се случува и затворање во себе, преокупирање со идеи и задлабочување во внатрешниот свет, треба веднаш да се врати свесноста кон реалното опкружување, може да се понуди емотивна поддршка  и масажа за дополнително сензорно вклучување и за опуштање. Набиените емоции и вознемиреност кога се појавуваат се овозможува да се изразат спонтано  и да се придружат со рефлексија од страна на терапевтот, детето  вежба притоа толеранција на фрустрација и процесот завршува со помирување во кој детето увидува дека терапевтот е тука за него, го прифаќа и му овозможува сигурност и безусловно прифаќање што претставува основа за добра социјална интеракција.

Како се родителите поддржани во целиот процес?

Во рамките на терапискиот процес потребна е работа со родителите. Родителите се креатори на семејната идеологија. Се поставува прашањето кои се нивните очекувања, базичните претпоставки, верувања, се зборува за нивната култура, традиции, семејните улоги и начините тие да се изнесат. Тоа е важно бидејќи идеологијата има улога во структурирањето на семејните структури. Се одавуваат состаноци со родителите, сеанси за родителите, фидбек и тимска консултација. Ова е важно за да научат да се слушаат меѓу себе, да се подобри вољата за да се разберат едни со други и да се охрабри пошироката средина.

Сиблинзите имаат тенденција да се најдат во состојба на перпетуален конфликт, поддршка за нив и реорганизирање на нивното секојдневно функционирање е потребно.

Препорачливо е детето потоа да ја продолжи терапијата во домот во траење на 2 часа дневно и да се посетуваат часови по пливање, јавање на коњи или други активности за подобрување на сензо-моторичките функции.

Leave a Reply