Skip to main content

Афазија претставува губиток или пореметување на јазичните функции, а до тоа доаѓа поради мозочно оштетување. Мозочните повреди може да бидат предизвикани од повреди на главата при сообраќајни несреќи, тумори, поради недоволно снабдување на мозокот со крв итн. Најчеста причина за афазија е мозочен удар. Во зависност од локализацијата на мозочната повреда има повеќе видови на афазија. Најчести видови се Брокина афазија која е локализирана во фронталниот лобус и претставува моторна афазија и Верникова афазија која е локализирана во темпоралниот лобус и претставува сензорна афазија. Штом дојде до пореметување на јазичните функции важно е да се направи прецизна дијагноза и анализа на однесувањето на клиентот со афазија, а тоа му помага на логопедот да направи програма за работа. Пристапот е индивидуален и не постои универзален начин за третман на афазија.

Како се одвива третман на логопед во Гаспар центар.

Дијагноза и терапија на афазија

За да се дијагностицира афазија најчесто од клиентот се бара да именува одредени предмети, се проверува дали ги разбира и ги користи зборовите точно, се бара да се одговори на прашања за нешто прочитано или слушнато, се бара да се повторат зборови и реченици, да се следат инструкции, да се дава одговор на отворени прашања и се проверуваат читањето и пишувањето. Откако ќе се соберат потребните информации за моменталната состојба на клиентот се изработува индивидуален план и програма за работа и потоа се пристапува на третман. Вежбите ги изведува логопед – афазиолог, а целта е да се подобрат и вратат изгубените или оштетени јазични способности, а покрај тоа клиентите се учат да прават компензација помеѓу изгубените јазични способности и наоѓањето на алтернативни начини на изразување. Важно е терапијата да е почната рано, се препорачува и работа во група, како и вклучување на електронски уреди како лап-топ или таблет во терапијата. Важен дел од третманот се визуелните средства кои логопедите ги употребуваат, а тоа се логопедски картички, слики предмети и сл. Кога се пристапува на лицето со афазија многу е важно нашето говорење да биде побавно и посмирено. Од клиентот да не се бараат претешки задачи и да не го преплавуваме истиот со прашања. Зборовите треба да ги нагласуваме и да му дадеме време да разбере што му кажуваме и што од него се бара.

Логопед Викторија Сиљаноска

Успехот од третманите зависи од раниот пристап, познавањето на клиничката слика, локализацијата на оштетувањето, етиологијата и составните говорно – јазични и когнитивни способности, но и од спремноста на терапевтот, вклученоста на котерапевтите (најблиското семејство на клиентот), мотивацијата на пациентот, возраста, неговата волја, однесување  и карактер.

Пишува: Клинички логопед-специјалист Викторија Сиљаноска

Leave a Reply