Skip to main content

Честопати, кога родителите со своето дете доаѓаат на логопедски преглед или консултација, како дел од личната анамнеза, ни даваат податок дека добиле дијагноза или пак им било споменато од претходниот логопед, дефектолог, невролог, педијатар…, дека нивното дете има развојна дисфазија. Некои од нив, истото мислење за состојбата на детето го добиваат дури ако првиот преглед  започне и од нашиот центар. Карактеристично и за двете групи на клиенти е дека родителите не се најдобро информирани што е тоа развојна дисфазија, не се доволно запознаени каков е третманот на развојната дисфазија и која е неговата цел, па трагањето по информации на интернет, честопати ги носи до погрешни или застрашувачки информации. Од таа причина, сум поттикнат преку овој тест да им понудам помош и насока на родителите кои имаат дете со развојна дисфазија.

Развојна дисфазија

Развојна дисфазија претставува јазично нарушување, односно нарушување на способноста да се разбере, структуира и изрази јазичната мисла. Децата со развојна дисфазија имаат значително јазично доцнење во однос на својата календарска возраст и интелектуален капацитет. Во суштина, оваа состојба претставува еден сложен синдром на физиолошки, невропсихолошки и лингвистички дефицити, социјално и едукативно нарушување, проследен со потешкотии во запаметувањето на зборови, неспособност за изговарање на одредени гласови, неправилна употреба на граматичките облици и општа неспособност за вербално изразување, при сочуван слух.

Видови Развојна дисфазија

Развојна дисфазија – експресивен тип

Експресивен тип на развојна дисфазија претставува кога преовладуваат потешкотии во вербалното изразување, додека разбирањето е добро или минимално нарушено. Експресивниот тип се манифестира со: отсуство на способноста за продукција на зборови или нивна замена до втората година, отсуство на способноста за формирање реченица од два збора до третата година, ограничен развој на речникот, употреба на едноставни и општи зборови, упростени реченици со изоставување или погрешна употреба на предлозите, заменките, времето, потешкотии со раскажување на случувањата, неправилен изговор на гласовите. Развојот на невербалната комуникација е сочуван, па децата со развојна дисфазија своите потешкотии и недостатоци во говорот ги компензираат со гестови. Кај некои деца на училишна возраст може да се појават потешкотии во односите со врсниците, емоционални нарушувања, како и недостаток на внимание.

Развојна дисфазија – рецептивен тип

Рецептивен тип на развојна дисфазија претставува кога преовладуваат потешкотии во разбирањето на вербалните содржини и употребата на јазикот. Кај овој тип на развојна дисфазија, способноста за разбирање на вербалните пораки е под очекуваното ниво за менталната и календарската возраст. Овој вид се манифестира на тој начин што: детето до својата прва година не се врти на своето име, на возраст од година и пол постојат потешкотии за идентификување на предметите од околината, на возраст од две години постојат потешкотии за извршување на едноставните вербални налози, а понатаму се јавуваат и потешкотии во разбирањето на прашањата кои му се поставуваат на детето, потешкотии во разбирањето на гестовите, изразите на лицето, појава на социо-емоционални нарушувања и нарушувања во однесувањето.

Причини за појава на Развојна дисфазија

Етиологијата на развојната дисфазија воглавно е идиопатска, односно непозната. Сепак, според голем број автори и истражувања постојат одредени фактори кои што се сметаат како етиолошки, а тоа се: повреди на централниот нервен систем пред развојот на говорот, штетни фактори за време на бременоста (инфективни болести кај мајката, токсични труења, стрес, психофизички трауми), интракранијални крварења, асфиксија и аноксија, енцефалитис и менингитис, фебрилни конвулзии, генетски фактори, поспоро созревање на централниот нервен систем (латерализација на хемисферите, моторни нарушувања, когнитивни фактори, психогени и емоционални фактори, дефицит во аудитивната перцепција), средински фактори (запуштеност, недоволна јазична стимулација или преголема изложеност на модерна технологија во периодот на говорно-јазичниот развој).

Клиничка слика на развојна дисфазија

Децата со развојна дисфазија обично имаат одложен почеток на говорот до втората или третата година, а понатаму усвојувањето на зборовите и речениците се одвива претежно споро и тешко. Кај овие деца се појавуваат потешкотии во препознавањето на фонемите, потешкотии во следењето на брзиот говор од други лица, дефицит во вербалното памтење, намалено внимание, дефицит во просторната ориентација и визуелната перцепција, јазични дефицити во вид на потешкотии во продукцијата и разбирањето, граматички и морфолошки потешкотии, нарушување на структурата на зборовите, фонолошка незрелост и артикулациски потешкотии. Фонематскиот слух е незрел за возраста, постои дислатерализираност, а разбирањето на јазичниот исказ се однесува само на едноставни вербални цели. Кај некои од децата можна е појава и на ехолалија, односно повторување на она што го слушнале. Децата со оваа состојба во очите на возрасните делуваат збунето, како да не разбираат што ги прашуваме.

Развојна дисфазија или аутизам?

Навидум, развојната дисфазија и аутизмот изгледаат доста слично, особено кога станува збор за рецептивен тип развојна дисфазија, па тој момент претставува голем предизвик за дијагностичарот кој треба да има исклучиво големо познавање за овие состојби, но истовремено и голем страв и непријатност за родителот. Основната и најважната разлика е тоа што децата со развојна дисфазија имаат нормален социјален реципроцитет, имагинативна игра, нормална употреба на гестовите или благо оштетување на невербалната комуникација. Во прилог,  разликите меѓу развојната дисфазија и аутизмот.

Развојна дисфазија:

– остварување на невербален контакт;
– виден интерес за социјалната средина;
– играта е имагинативна, смислена и одговара за возраста;
– адекватно ги извршуваат едноставните налози, а при нарушување на разбирањето се потпираат на гест;

Аутизам:

– изостанување на невербалниот контакт;
– не постои интерес за социјализација;
– играта не е адекватна, исполнета е со стереотипи, репетативни активности, специфични интереси и активности, расфрлање и уништување на играчките и предметите;
– не ги извршуваат налозите, ниту со поддршка на гест;

Дијагностика

Развојната дисфазија ја дијагностицира логопед, врз основа на добиените анамнестички податоци од родителите, соодветните тестови за тестирање и опсервација на детето. Детето со развојна дисфазија, во однос на другите деца со типичен развој, заостанува само во развојот на говорот и јазикот, при што слухот е сочуван, постојат нормални интелектуални способности, не постојат невролошки оштетувања, социјална депривација и емоционални растројства.  
За да се исклучи можноста за постоење на некој друг дефицит, потребно е и: преглед од невролог, психијатар, психолог и оториноларинголог.

Третман на Развојна дисфазија

По донесувањето на дијагнозата се прави план и програма за логопедскиот третман, а истиот е важно што порано да се започне. Третманот сам по себе е долготраен, интензивен и истиот се применува строго индивидуално сооднос потребите на детето, односно во зависност од симптомите, видот на развојната дисфазија, возраста и индивидуалните карактеристики.

Логопедско-рехабилитацискиот третман опфаќа:

Вежби за развој на фината моторика, вежби за визуо-моторна координација, вежби за развој на телесната шема, вежби за латерализација, вежби за поттикнување на аудитивната перцепција, детекција, дискриминација и идентификација, вербална стимулација, развој на системот за именки и глаголи, развој на заменките, развој на предлозите и прилозите, поврзување на исказите во поголеми целини и развој на граматичките структури, системско коригирање на говорно-јазичните недостатоци, развој на врската глас-буква, развивање на техниките читање и пишување.

Совет за родителите

– Доколку забележите доцнење во говорно-јазичникот развој кај вашето дете, секогаш консултирајте се со логопед или со вашиот матичен лекар;
– Секогаш од вашиот логопед барајте програма и насоки за работа со вашето дете за периодот кога сте дома;
– Следете ги насоките кои ви ги дава вашиот логопед;
– Разговарајте и играјте си со вашето дете, на тој начин што ќе го запознавате со нови зборови (поими);
– Користете го гестот како дел од вашата комуникација, на тој начин што со вашата микика и гестикулација ќе му покажете најразлични емоции;
– Стимулирајте го преку асоцијации за одреден поим;
– Оттргнете го вашето дете максимално од модерна технологија (телефон, таблет, компјутер, телевизор…);
– Запознавајте ја околината преку имитирање на звуци и гласови;
– Искористете го своето слободне време и целосно посветете се на своето дете.
Развојната дисфазија е комплексна состојба, но сепак состојба за која постои соодветен третман. Секогаш консултирајте се со стручно лице, затоа што навремениот третман е најдобрата превентива и решение.

Пишува:  spec.slp.Бојан Богдановски
– клинички логопед – специјалист

Leave a Reply