Skip to main content

Двојазичност е способноста на поединецот да се служи со два јазика без видливи склоности кон еден од нив. Раниот билингвизам е усвојување на два јазика до четвртата година, а доцен билингвизам е усвојување на вториот јазик по четвртата година.

Еден од факторите за успорен развој на говорот може да биде и двојазичноста. Деца припадници на национални малцинства, деца од мешани бракови или деца на кои родителите поради работа одат да живеат во странски земји, се наоѓаат во ситуација на двојазичност.

Децата кои се во фаза на развој на говорот, почнуваат повеќе или помалку истовремено да ги усвојуваат двата јазика. Децата кои растат во двојазична средина, двата јазика ги усвојуваат на ист начин како да прават разлики мeѓу двата јазика практично од самиот почеток.

Ако детето нема никакви додатни пречки и ако во исто време родителите работат со него, раното воведување на другиот јазик нема да му предизвика додатни тешкотии. Таквата ситуација може да влијае стимулативно на учењето на странскиот јазик.

Билингвалност кај деца со говорни проблеми

Meѓутoa кај деца со мали говорно-јазични проблеми, или кај детето кај кое во периодот на говорно-јазичниот развој не му се посветува доволно време и внимание, двојазичноста претставува додатна тешкотија во учењето на говорот. Говорниот развој на тие деца ќе биде успорен или сиромашен. Овие деца во зборувањето ќе ги мешаат изразите од едниот јазик во другиот и нема да бидат сигурни во граматичките облици. Tаа несигурност ќе дојде до израз во изговорот на гласовите што ќе доведе до забуна во изговорот на слични гласови од двата јазика. Затоа, ако е можно, најдобро е детето да не почне веднаш со усвојување на двата јазика истовремено, туку прво треба да го усвои мајчиниот јазик.

„Кај деца со мали говорно-јазични проблеми, или кај детето кај кое во периодот на говорно-јазичниот развој не му се посветува доволно време и внимание, двојазичноста претставува додатна тешкотија во учењето на говорот.“

Потешкотии во развојот на говорот кај деца што живеат во двојазична средина

Доколку детето кое живее во двојазична средина покажува потешкотии во развојот на говорот, тогаш е потребно да се одлучиме само за еден јазик, оној на кој што детето ќе се образува. Исто така, со тоа дете треба да се работи многу, да се разговара со него, нашите искази да ги прилагодиме на неговата возраст и не смееме да му се обраќаме со предолги реченици полни со непознати искази и неразбирливи зборови.

Колку што е неговиот говор послабо развиен, толку треба и нашиот јазик да биде поедноставен, речениците да бидат кратки и зборовите познати, а од време на време со прашања да  потврдиме дали детето го разбира тоа што му го зборуваме. Најдобро би било тоа дете да биде вклучено во градинка каде што ќе има поголем поттик за говор.

Кај децата кај кои говорот повеќе заостанува од говорот на нивните врсници, не е доволна само говорна стимулација дома или во градинка, туку е потребна и стручна помош од логопед.

Совети

  1. Од самото раѓање до 5-6 година од животот секој член од семејството треба да комуницира со детето исклучиво на еден јазик. Кај малото дете, во мозокот се формира шема за одреден јазик. Ако детето нема тешкотии во развојот, во состојба е еднакво и квалитетно да ги усвои двете одвоени шеми на двата различни јазика, односно во исто време да ги усвои тие јазици.
  2. Познавањето на јазикот, кој секој од родителите го одбрал за своја комуникација со детето, треба да биде совршено. Родителите треба да комунцираат со детето само на оној јазик кој го познаваат совршено. Говорот на родителите  претставува пример за детето. Детето ќе научи да зборува точно така како што зборува неговата мајка или татко. Затоа, ако мајката не го познава добро странскиот јазик, не треба ни да го користи во комуникацијата со своето дете затоа што тоа нема да биде добар пример за детето.
  3. Освен правилата за воведување на втор јазик, родителите треба да ги имаат во предвид и следните специфични проблеми кои се поврзани со раната двојазичност: Кај децата кои од раѓањето истовремено усвојуваат неколку јазика развојот на говорот обично се одвива нешто побавно, отколку кај еднојазичните деца.

Ако детето е психофизички здраво, а родителите ги следат горенаведените правила, бавниот говорно-јазичен развој не е проблематичен дури и се смета за нормален. До седмата година ќе се стабилизира, а детето заради совршеното познавање на двата јазика, ќе биде во голема предност.

  • Раното воведување на вториот јазик кај дете со одредени потешкотии може да предизвика настанување на пелтечење.
  • Детето кое започнало да се образува во странство, по враќањето во својата држава на живеење може да има потешкотии во читањето и пишувањето.

Дипломиран логопед, Мартина Милошеска    

Leave a Reply