ДИСЛАЛИЈА - Gaspar Centar

Постои одреден период до кој се толерираат потешкотии при изговорот на гласовите. Пред да тргнат во училиште децата треба правилно граматички да се изразуваат и сите гласови да ги изговараат правилно за да немаат потешкотии во читањето и пишувањето.

 Неправилен изговор на одредени гласови претставува дислалија односно артикулативно нарушување. Едни од најчестите фактори за дислалија се: средински фактори, психолошки, неправилност на говорните органи, цицање на прст, наследни фактори во кои спаѓаат погрешен изговор кај родителите односно слушање погрешен говорен модел и многу други.

Дислалијата може да биде во вид на

  • омисија – недостаток на некои гласови,
  • супституција – замена на еден глас со друг глас,
  • дисторзија – погрешен изговор на некој глас односно типични и атипични оштетувања на одредени изговорени гласови.

Видови дислалии

  • Сигматизам – претставува неправилен изговор на гласот ‘с’ и на групата фрикативи и африкати во кои спаѓаат: ‘с, з, ц, ѕ, ч, џ, ш, ж’. Постои: интердентален (меѓузабен), стридентен (пискав), назален, палатален (непчен), оклузивен (преграден), адентален, латерален сигматизам.
  • Ротацизам – претставува неправилен изговор на глас ‘р’. Постои: латерален, билабијален, увуларен, дорзален, гутурален ротацизам.
  • Ламбдацизам – претстаува неправилен изговор на гласовите ‘л’ и ‘љ’.
  • Капацизам – претставува неправилен изговор на гласот ‘к’.
  • Гамацизам – претставува неправилен изговор на гласот ‘г’.
  • Тетизам – претставува преминување на безвучните дентални и палатални африкати и фрикативи и безвучниот веларен плозив ‘к’ во безвучниот дентален плозив ‘т’ и звучните дентални и палатални африкати и фрикативи и звучниот веларен плозив ‘г’ во звучниот дентален плозив ‘д’.

Третманот за дислалија

Третманот за дислалија се состои во корекција на гласовите и можност за нивна функционална примена во спонтан говор. Во третманот се користат повеќе методи каде ги користиме сетилата за слух и сетилата за вид бидејќи кај децата најчесто учењето на изговорот е преку слушањето, исто така и артикулациски метод каде што се користат вежби за местење на положбата на артикулаторите за гласот и гласовите се вежбаат во слоговни комбинации, кратки и сложени реченици, текстови. При изведување на методите се користат огледало, сонди, шпатули за моделирање на гласовите.

Текстот го напиша: Слободанка Богоеска – логопед

Leave a Reply