Специфичните тешкотии во учењето се невроразвојни нарушувања кои обично се дијагностицираат кај децата во раните училишни години, но може да останат непрепознаени и до возрасната доба. Се карактеризираат со опстојувачки тешкотии во барем една од овие области: читање, пишување и/или математика.
Околу 5 до 15% од школските децата се соочуваат со некој вид специфична тешкотија во учењето, односно имаат тешкотии во најмалку една од следните области, најмалку 6 месеци и покрај насочената помош:
- тешкотии во читањето (пр: неточно читање, бавно читање, читање со голем напор);
- тешкотии во разбирање на прочитаното;
- тешкотии во спелување;
- тешкотии при писмено изразување (пр: проблеми со граматика, интерпункција или организација);
- проблеми со разбирање на концептот на броеви, математички факти или сметање;
- проблеми со логиката на математиката (пр: примена на математички концепти или решавање на математички проблеми).
Околу 80% од децата со специфични тешкотии во учењето имаат особени тешкотии во читањето, односно дислексија. Преваленцијата на дислексијата е висока, опфаќа 12% од популацијата.
Специфичните вештини што може да бидат засегнати вклучуваат точност на читање зборови, спелување, правопис, граматика или пресметување. Тешкотиите со овие вештини често предизвикуваат проблеми во учењето предмети како историја, математика, природни и општествени науки, и може да влијаат на секојдневните активности и социјалните интеракции, односно, зголемен ризик од поголема психолошка вознемиреност, невработеност, посиромашно ментално здравје, прекин на школување и сл. што ни укажува на потребата и важноста на навременото откривање и менаџирање на тешкотијата.
Дефинирање на дислексијата
Дислексијата е специфична тешкотија во учењето која има невролошко потекло. Се карактеризира cо тешкотии во точно и/или течно препознавање на зборовите, намалени способности за спелинг, и способност за декодирање. Односно, дислексијата претставува разлика во тоа како лицата со оваа тешкотија ги обработуваат информациите – како ги превземаат (влез); како ги разбираат, памтат и организираат (когнитивна обработка); и како го пренесуваат знаењето за тие информации (излез).
Овие тешкотии најчесто произлегуваат од дефицит во фонолошката компонента на јазикот. Секундарните потешкотии може да вклучуваат проблеми во разбирање на прочитаното и намалено искуство во читањето што може да го попречат зголемувањето на вокабуларот и знаењето.

Карактеристики на дислексијата
Најчесто гледиште и перцепција за дислексијата е тоа како таа се поврзува со тешкотиите во читањето и спелувањето – овие тешкотии се всушност лесно забележливи карактеристики. Сепак, многу деца покажуваат такви тешкотии при описменувањето, што не значи дека имаат дислексија. Затоа, важно е да се претстави сеопфатен преглед на карактеристиките на дислексијата.
Читање
Децата со дислексија обично, но не секогаш, имаат тешкотии со читањето. Тоа значи тешкотии со флуентноста, брзината на читање или точноста – тие може да се двоумат или да го претпостават зборот врз основа на предвиденото значење на зборот или преку користење на визуелни карактеристики на зборот. Исто така, може да имаат тешкотии при читање со разбирање, но тоа не е поради недостаток на разбирање, туку како резултат на тешкотии во флуентноста и читањето.
Пишување
Децата со дислексија исто така може да имаат тешкотии при експресивното пишување и нивниот личен стил на пишување. Експресивното пишување е важен елемент при испрашувањето, без разлика дали се работи за фактичко, описно или имагинативно пишување, ученикот со дислексија може да не ги исполни своите реални способности. Во ракописот, буквите може да бидат лошо формирани надвор од стандардното пишување. Овој тип на пишување, веројатно ќе се влоши, на пример, при тестирања, поради што наставниците секогаш треба да бидат предупредени за присуството на дислексија кај одредени ученици. Во експресивното пишување, самиот збор нема да ја рефлектира имагинативната идеја и креативноста кај учениците со дислексија. Често пати учениците со дислексија можат да бидат многу креативни, но нивната граматика, а понекогаш и недостатокот на проширен речник може да ја минимализира презентацијата на реченицата.

Фонолошки тешкотии
Една од главните причини за тешкотиите што ги покажуваат децата со дислексија во читањето и правописот се фонолошките тешкотии. Ова се однесува на свесноста за звуците и карактеристиките на овие звуци во зборовите. На пример, тие може да имаат тешкотии да запомнат рими и да идентификуваат одредени звуци во еден збор. Широко е признаено дека оваа тешкотија е една од главните тешкотии поврзани со дислексијата и тоа може да претставува посебен предизвик за наставниците во средните училишта (исто и во основните), бидејќи многу од програмите за звучно читање не се соодветни со возраста на средношколците. Но, од друга страна, многу ученици со дислексија имаат добро јазично искуство и често знаат да користат контекстуални знаци за да можат да го предвидат зборот наместо да го читаат преку процес на декодирање.
Тешкотии при организацијата
Ова е можеби еден од најмалку очигледните, но сепак еднакво важен аспект на дислексијата. Организацијата е важна во сите аспекти на учењето, а материјалот што треба да се научи треба да се организира во мозокот – новиот материјал треба да се поврзе со претходно наученото и да се развијат концепти на темата што се учи и е поврзана со претходното учење и постоечкото знаење. Ова бара одреден степен на организација и многу често оваа активност се одвива во мозокот без ученикот да биде свесен за тоа. Децата со дислексија, сепак, можеби нема да можат да го поврзат новото учење со веќе наученото и често врските помеѓу новото и претходно наученото треба јасно да ги прикаже учителот. Оваа когнитивна организациска тешкотија можеби не е премногу очигледна за учителот, но го нагласуваат ставот дека дислексијата е повеќе од само тешкотија во читањето или пишувањето, таа е поврзана со учењето и обработката на информациите.
Меморија
Децата со дислексија често имаат проблеми со краткотрајната и долготрајната меморија. Ова не секогаш е така бидејќи често тие знаат да развијат разумно ефективни методи за задржување или потсетување на информациите. Меѓутоа, почесто се случува да информациите кои треба да ги задржат или запомнат во одредени предметни области им претставуваат предизвик.
Процесирање на информации
Ова се однесува на тоа кога се учи нов материјал. Во основа, постојат три фази кои се преклопуваат: влез, обработка и излез. Ученикот со дислексија може да има тешкотии во било која од овие три фази, или понекогаш и во сите три фази од овој циклус. Фазата на внесување се однесува на тоа како се презентираат информациите – кога учиме нови информации, материјалот што треба да се научи мора да има одредено влијание врз ученикот во клучната почетна фаза на учењето. Материјалот може да се претстави на повеќе начини: аудитивни – преку учителот кој зборува или кога ученикот слуша аудио снимка; визуелно – преку дијаграми, видеа или некои други визуелни средства; – тактилни методи, каде што зеницата на окото се вклучува при допир преку практични експерименти или технички предмети; и – кинестетички – ова ги вклучува учениците да го искусат учењето, на пример преку драма, теренска работа, групна работа и сл. Постојат некои докази дека дислектичните деца можат поефикасно да учат преку визуелни и кинестетички модалитети, како и преку тактилниот пристап. Аудитивниот пристап, кој веројатно е модалитет кој најмногу се користи во училиштата, е најслабиот начин за ефективно учење кај децата со дислексија.

Координација
Иако не сите деца со дислексија имаат тешкотии со координацијата, некои сепак имаат, и тоа врши влијание врз практичната работа по некои предмети. Тешкотиите во координацијата може да се видат во ракописот, други фини моторни активности, како што е употреба на ножици, а понекогаш и во општата координација, како на пример спортот. Сепак, треба да се нагласи дека тоа не е секогаш случај, и дека некои дислектични деца може да имаат талент за уметност и занаетчиство, како и физичко образование и спорт.
Визуелни тешкотии
Има се поголем број докази кои укажуваат дека визуелните фактори се поврзани со дислексијата. Ова може да биде во форма на визуелно искривување на буквите, замаглување, спојување на буквите една во друга и пропуштање редови или зборови при читање. Ова може да има импликации при точноста во читањето, пример при читање на лабораториски предмети или следење на низа инструкции. Оваа тешкотија може да се забележи и кај бројките, на пример при читање на табеларни податоци и други форми на податоци како што се графиконите итн.
Диспропорција во постигнувањата
Еден од дефинирачките фактори што може да се поврзе со дислексијата е диспропорцијата во постигнувањата што може да се забележи во различни наставни предмети. Многу често, лицето кое има дислексични тешкотии може да пројавува значителни потешкотии во некои предметни области, осебено оние кои се засноваат на голема писменост. Меѓутоа, во исто време тие може да покажат значителни вештини кај некои други предмети, како што се уметност, музика, па дури и книжевност. Овие несовпаѓања понекогаш можат да бидат доста изразени и да нагласат дека дислексијата е специфична тешкотија која се однесува на учењето во конкретни ситуации. Сето ова може да резултира со дислектичен профил во кој значајните несовпаѓања помеѓу изведбата на учениците во различни предметни области се многу изразени.
Спелување
Тешкотиите во спелувањето е најчеста карактеристика на дислексијата, сепак ова повеќе се однесува на јазичните системи кои што немаат директна кореспонденција меѓу фонема-графема.
Според ова, може да се забележи дека постојат голем број различни карактеристики на дислексијата, и многу важно е класниот раководител, но и сите наставници не само да поседува одредено знаење за дислексијата, туку и да добијат доволно информации врз основа на точната проценка на тешкотиите, како и силните страни на ученикот со дислексија.
Важно е да се напомене:
Дислексијата е индивидуална
Ова значи дека децата со дислексија може да имаат малку поразлични карактеристики едни од други. Овие карактеристики може да имаат најразлични влијанија врз децата. Кај некој деца, овие карактеристики може и да не бидат толку воочливи, додека кај други може да бидат изразито воочливи. Затоа, дислексијата може да биде претставена како континум, од блага до тешка. Ова значи дека тоа што функционира кај едно дете не мора да значи дека ќе биде успешно кај друго. Дислексијата се води на тоа како информацијата се процесира. Тоа значи дека дислексијата вклучува и повеќе од само читање; врши влијание врз учењето и како целокупната информација – тоа го вклучува и општењето. Важно е да се знае дека циклусот на учење наречен ‘циклус на процесирање на информации’ е круцијален бидејќи може да помогне да ги разбереме тешкотиите што ги имаат децата со дислексија. Овој циклус покажува како ние ги примаме информациите, како ги процесираме, и како ги прикажуваме кон другите информациите што ги поседуваме.
Децата со дислексија може да имаат тешкотии со изразување на знаењето и разбирање на напишаното
При училишна работа, децата најчесто го прикажуваат тоа што го знаат преку пишана форма. Што значи дека ова може да биде една од најслабите точки кај децата со дислексија. Пишувањето може да биде напорно и досадно кај овие деца. Како и да е, сепак може да биде и интересно и лесно ако тој/таа се снабдени со структура за пишување, а понекогаш дури и со клучни зборови при формирање на реченица. Една од клучните точки која треба да се запомни овде е дека треба да ги идентификуваме и вреднуваме силните страни на децата со дислексија.

Децата со дислексија може да имаат тешкотии при учењето преку аудитивен модалитет
Постојат многу начини на учење, но се уште се водиме врз аудитивниот модел: т.е. способноста на личноста да слуша и разбере преку звук, отколку преку слики (визуелни) или преку допир/искуство. Повеќето истражувања кажуваат дека децата со дислексија имаат фонолошки тешкотии, тоа значи дека имаат тешкотии со звуци, и паметење на истите кои го формираат зборот. Затоа, слушањето можеби и не е најлесниот начин за прибирање на информации.
Децата со дислексија имаат тешкотии со паметењето на информации
Ова може да се примени во краткотрајната (работна) меморија што значи дека врши влијание врз паметење на орални (усни) инструкции, особено кога е претставена листа на дадени предмети. Во краткотрајната меморија може да се задржи ограничено количество на информации во даден момент, но децата со дислексија може да имаат тешкотии со точно паметење на дел од овие информации, и затоа е најдобро да се дава по една инструкција во едно време.
Децата со дислексија имаат тешкотии со организирање на информациите
Свесно или несвесно, сите ние се обидуваме да ги организираме новите информации. Може да групираме одредени предмети да бидат запаметени во една категорија, и кога ги повикуваме тие информации тоа го правиме на начин кој е доста организиран, така што слушателот може лесно да не разбере. Ова може да биде доста важно кога обидуваме да се сетиме на информации за одреден настан или низа настани. Децата со дислексија може да имаат тешкотии при организирањето на информации, и ова може да изврши влијание врз ефектот на информацијата и како таа е запаметена, и како информацијата ќе биде презентирана на другите. Ова може да влијае врз нивната изведба, освен ако не се обезбеди дополнителна поддршка.
На децата со дислексија им е потребно повеќе време за процесирање на информацијата
Ова е многу карактеристично кај дислексијата; вообичаено на децата со дислексија им е потребно повеќе време да ја процесираат информацијата бидејќи тие може ќе тргнат по друга, индиректна рута за да дојдат до одговорот. Ова ја нагласува индивидуалноста на дислексијата и методот на десната хемисфера за обработка на информации што често го користат децата со дислексија.
Децата со дислексија често имаат тешкотии со читањето, правописот и флуентноста
Некои деца може да компензираат за тешкотиите во читањето со тоа што ќе станат многу вешти во користење на контекст и имаат тенденција да читаат со значење. Овие деца, сепак повторно може да покажуваат други карактеристики на дислексија, особено кај оние аспекти кои се поврзани со процесирање на информацијата, како што се меморијата и организацијата. Слично, тие исто така би имале тешкотии со читањето, но не со правописот, и обратно. Ова повторно ја нагласува индивидуалната природа на дислексијата, што значи дека секое дете може да појавува карактеристики на дислексија до различно ниво. Иако нивото на дислексија може да варира, индикации се често константни, но исто така може да зависат и од возраста на детето. Можно е да се забележат некој од индикациите на дислексијата дури и кај деца од предучилишна возраст, т.е. деца кој само што почнуваат да учат да читат. Важно е да се забележи дека дислексијата се појавува во форма на континум и дека може да има постоечки или слични карактеристики помеѓу дислексијата и други видови на потешкотии при учењето.
Текстот го напиша: Теодора Јефремова – специјален едукатор и рехабилитатор