Skip to main content

Природно е децата понекогаш да направат нешто што не треба, нивното однесување да биде непосакувано и несоодветно, со тој предизвик се соочуваат родителите секојдневно. Родителите се моќни да дадат придонес во обликување на доброто однесување кај своите деца од најмала па се до поголема возраст. Колку и да се снаодливи децата во некои ситуации за да ја добијат и исполнат својата цел, сепак на мала возраст немаат идеја како стојат работите поставени во рамка од правила и причинско – последични односи, ако за тоа не се потрудат родителите да го обликуваат нивното однесување преку последични реакции за непожелното однесување и награди за посакуваното однесување.

Пофалете го детето

Kога детето прави нешто како што треба, пофалете го, дајте му награда, која не мора секогаш да биде нешто што се купува. Размислете за нештата што детето ги сака и во кои моменти се чувствува радосно. (Посета во луна парк, зоолошка, возење со автобус, дружење со  негово другарче ).

Понекогаш последиците од непожелното однесување доаѓаат следствено на нивната постапка и  можат да ги почуствуваат и самите деца. Тогаш може да се зборува за тоа како  нивната постапка допринесла за нешто непријатно. Тоа е случај кога самата последица ги прави да  бидат внимателни следниот пат, а со тоа ќе бидат и поодговорни. (На пример ако ја искине својата тетратка , нема да има на што да црта некое време  и на тој начин ќе се чувствува дека има последица која не е пријатна за него.)

Негативно поткрепување

Тоа е начинот преку кој детето треба да се соочи со последиците од своето однесување. Тоа не е пријатно чувство  и бидете подготвени дека може детето да протестира и да не сака да се соочи со ова чувство. Ако сте доследни во вашата одлука, тогаш ќе придонесете сосема здраво да се прифаќаат овие последици и да се создаде самокритичност и одговорност во однесувањето. Притоа, се корегира однесувањето и се посочува на самата постапка, а не и никако на личноста на детето. ( Не се користат навреди и лоши зборови. )

Негативно поткрепување е на пример лишување од нешто или губење на некоја привилегија односно, пример: одземање на велосипедот ако само излегло детето надвор од дворот на улица возејќи, невнимавајќи на околните возила. И таа последица може да трае неколку часа, неколку дена, колку ќе одлучи родителот, но треба да се знае дека не треба трајно да му се одземе во подолг период бидејќи тоа е пред се активност која му носи благопријатност на детето, а во тие ситуации истото ќе му се овозможи на друг начин и во други услови.

Како и кога да се користи игнорирање на однесувањето на децата

Родителот кажува Не на некоја желба или навика на детето. Детето се обидува да си ја постигне целта преку плачење, викање, жалење или преговарање. Во такви моменти кога е нешто одлучено, најдобро родителот да си остане доследен и да го игнорира обидот на неговото дете да ја преземе ситуацијата. Кога ќе заврши незгодната епизода, родителот се враќа кај своето дете и го ангажира со активности, како да не се случила таа епизода  на протест.

Не треба да се игнорира : кога детето се однесува на начин што може да ги повреди другите и себе, кога има емотивна или физичка болка, кога лаже или предизвикува други лица. Не треба да се игнорира кога постапува добро. Не треба да се игнорира кога е занемарено и му треба внимание.

“При воспитувањето на детето претежно користам методи на награди и казни за да го стимулирам на послушност во моменти кога се инаети или е раздразлив и не сака да направи нешто. Секогаш почнувам прво со принцип награда, пример ако седнеш да научиш една буква денес ќе добиеш киндер јајце или ќе те носам во парк. Обично ми успева меѓутоа кога е особено раздразлив и не ми успева оваа метода почнувам со методот на казни- ако не научиш една буква денес нема гледање цртани повеќе. Кога е непослушен и направил некоја беља,  го карам вербално секогаш објаснувајќи му што направил погрешно и како требало да постапи , а тој е особено увредлив и почнува да вика остави ме, несакам да слушам што збориш, молчи остави ме,  се трга од мене, се врти кон ѕид и скрстува раце и тогаш применувам метода на игнорирање на неговото однесување. Доколку влезам во расправија ако не го игнорирам тоа резултира со агресија од негова страна.  Игнорирањето на неговото однесување после објаснувањето на тоа зошто згрешил и што требало да направи обично ми помага во најбрзо време да се смири и да се извини и ја сфати грешката (обично се смирува во следните 5 минути на овој начин) и ќе дојде ќе ме гушне и ќе се извини “ – дава пример мајка на 6 год. дете.

Родителот е пример и во добро и лошо

Родителот е пример за своето дете. Како треба нешто да биде, покажува родителот.

Родител дава лош пример ако самиот не ги почитува правилата за соодветно однесување. Затоа важно е: да се знаат правилата пред да пристапите на обликување на однесувањето кај вашето дете.

Поставувањето  на правила и норми е здрава основа за воспитувањето  и полесно градење на одговорност, тоа прави родителите да градат авторитативност. Потоа предупредување. Давање уште едно потсетување дека сте доволно толерантни за да почекате да направи граница детето со своето однесување и да застане на време. Децата сакаат да имаат чувство на сигурност, влевате сигурност кога самите знаете што е добро да се почитува и од тоа не отстапувате.

Почитувањето на детската личност и неговото право на избор

Во главата на тоа дете има многу идеи, има љубов кон создавање и креирање, ако му дадете можност да учествува во она што го правите ќе расте неговата самодоверба и ќе се храни неговата душа, ќе развива способности и ќе чувствува радост. Затоа на детето треба да му се даде опција. Да може да избере, да придонесе до крајниот резултат, со помош на неговите идеи, затоа што тоа ја зголемува неговата мотивација да успее и да на крајот има успешен резултат кој ќе го почувствува како награда. (Можеби ќе му дозволите да ја фарба вашата ограда, или да подготви некој оброк за ручек).

“Ако  на децата нешто им забраните , всушност ги убивате нивните желби, а желбите се дел од животот” – Ана Бучевиќ.

Работа со емоциите. Јас тука би одвоила две важни точки:

Контрола на Вашиот гнев; Покажување на Вашето внимание и љубов, безусловно.

  • Колку повеќе самите научите да ги препознавате чувствата и вашиот начин на реакција на нив, толку побрзо и децата ќе научат преку регулирање на чувствата да го совладаат однесувањето кое ја придружува некоја емоција.

“Децата можат да бидат споредени со огледала.Тие ја одразуваат, а не ја започнуваат љубовта. Ако им се дава љубов, ја враќаат. Ако не им е дадено ништо, тие нема што да вратат. Безусловната љубов се одразува безусловно, а условната се враќа условно.” – Рос Кембел.

Примерот на оваа мајка покажува дека играта е есенцијална потреба и метод:

“Ако е немирен му одвлекувам внимание и му давам занимација , не дозволувам на глава да ни се качува, цело време играм со него и многу му читам.  Не го казнувам и не се служам со тоа да го уценувам со награди. Правиме гимнастика, шетаме итн.” (Мајка на 3 г. дете.)

И за крај, иако има многу да се споделува, една шема која ќе им послужи на родителите за поуспешен процес на воспитување.

Текстот го напиша Соња Угриновска -психолог, семеен и системски советник

Leave a Reply