Skip to main content

 

Слушајќи ги и гледајќи ги луѓето во своето најблиско опкружување, бебето почнува да го усвојува говорот уште од самото раѓање. На почеток негова единствена комуникација е плачот, а во првите шест месеци од животот на бебето од него се очекува да се врти кон изворите на звук, да гуга, да ги реди слоговите во низа. Околу својата прва година децата се вратат кога некој ќе ги именува по име, разиграни се и весели и во овој период се очекува да се појави првиот збор со значење, односно збор кој е функционален, смислено употребен и е кажан во вистински момент (на пример: кога детето сака да и се обрати на мајката, да каже: -Мама-). На 18 месеци децата треба да разбираат едноставни налози кои им се бара да ги исполнат, да мафтаат со рачињата во знак на поздрав, да покажат делови од телото (очи, нос, уста, уши…), до 21 месец децата во својот речник имаат околу осум зборови со значење, спремни се да одбијат гласовно или со движење на главата доколку нешто не сакаат, може да побараат храна или пијалок, нивниот опсег на вокализација расте, на почетокот на втората година тие поврзуваат два зборови во реченица и тоа го прават смислено и функционално, подоцна во тој период почнуваат да ги употребуваат заменките јас и ти, а на крајот на втората година почнуваат да употребуваат реченици кои се составени од три и повеќе зборови кои на почеток не се целосни и не се јасни, но се разбирливи за опкружувањето. Што се однесува до формирањето на гласовите, развојот на секој глас е прецизен и секој глас се појавува во моментот кога артикулаторниот апарат е спремен за создавање на тој глас и кога детето врз него има орално-моторна контрола. До пет години и 6 месеци, се очекува да бидат формирани сите гласови.

Доколку на 18 месеци освен што детето не зборува, се забележува  и дека не разбира наједноставни налози како на пример ако мајката побара детето да плесне со рачињата, а тоа само ја гледа и не реагира, тоа е аларм дека треба да се побара соодветна помош. Други ситуации кои водат кон барање соодветна помош е доколку родителот не успева да му задржи внимание на детето ниту неколку секунди, ако детето не се врти на своето име, ако не комуницира со поледи со своите блиски или пак, ако не го задржува погледот на луѓето околу него, не употребува гест за да побара нешто, не посочува предмети со прст и доколку има несоодветни емоционални реакции во одредени ситуации. Време е за на логопед и ако после втората година детето во својот речник има само неколку зборови или пак, ако во тој период од животот тоа не е во можност да склопи наједноставна реченица како на пример: – Дај вода!- , ако до третата година неговиот говор е тешко разбирлив и ако до четвртата и петтата година не му се совладани поголем број од гласовите од мајчиниот јазик.

Важно е родителите будно да го следат развојот на своите деца и да го стимулираат говорот уште од самото раѓање. Најчесто, родителите бараат помош меѓу втората и третата година од животот на нивните деца кои сé уште не прозбореле. Но, треба да се знае дека говорот никогаш не е првично нарушување, туку неговото отсуство може да биде предизвикано од забавен психомоторен развој, оштетен слух,недоразвиен или орално-моторен апарат кај кој се забележуваат аномалии.

Автор: Викторија Сиљаноска

Leave a Reply