Skip to main content

Интервју со  д-р. Павлинка Чавдарова – Арнаудова, доктор по општа медицина, специјализант по оториноларингологија

Во текот на зимскиот период, амбулантите се секогаш полни со пациенти. Температурните разлики, загаденоста на воздухот, собирањата во затворени простории контрибуираат во факторите на ризик. Најчести пациенти се децата, но не се исклучок ниту возрасните пациенти, особено пациентите со хронични болести.

Причините за заболувањата може да бидат вируси (многу почести) и бактерии. Децата се многу “поранлива” категорија бидејќи нивниот имунитет се уште созрева и се многу повеќе подложни на инфекции од нас возрасните.

Д-р. Павлинка Чавдарова – Арнаудова

Воспаление на средно уво – Otitis media acuta

Во секојдневната наша пракса, неминовно овој период од годината се пациенти со воспаление на средното уво. Најчесто тоа се деца од претшколска возраст, а причината за воспаление на средното уво најчесто е од бактериска природа.

Во хетероанамнестичките податоци од родителот најчесто добиваме сознанија дека детето било претходно болно/настинато. Причината за посета на здравствено лице е болката во увото како основен симптом.

Ако детето е поголемо и разбира, самото може да сигнализира за истата, меѓутоа кај помалите деца најчесто се забележува:

  • вознемиреност,
  • раздразливост,
  • триење на болното уво,
  • одбивање на храна/цицање,
  • родителот забележува секреција (течност) од увото каде што станува збор за супуративен отит.

Оваа состојба не ретко е придружена со покачена телесна температура, малаксаност, вознемиреност.

Отитот може да се јави во склоп на генерализирана инфекција или како изолирана состојба. Од голема важност е навремената посета на лекар со цел дијагностицирање, спроведување на соодветна терапија како и спречување на понатамошни компликации. Најважно во терапијата кај отит, покрај антибиотската терапија е одржување на проодност на носот со деконгестивни капки/спреј одреден временски период од 5-7 дена, како и тоалета на носот со морска вода. Во секој случај, вклучуваме и супоративна терапија од типот на аналгетици или антипиретици.

Доколку во зимскиот период се почести воспаленијата на средното уво, летно време се сретнуваме со воспаление на надворешното уво или т.н пливачко уво. Како терапија се препорачува локална апликација на антибиотски капки, антиедематозна и аналгетска терапија.

Воспаление на палатиналните тонзили – Акутен тонзилит

Инфекциите на крајниците, од типот на акутни тонзилити исто така заземаат голем процент од секојдневните прегледи каде што пациентите се жалат на болка во грлото, отежнато голтање, покачена телесна температура, малаксаност. За жал, многу често пациентите сами посегнуваат по антибиотик што е погрешно. Од голема важност е посетата на лекар и соодветно пропишана терапија, бидејќи често станува збор за вирусна инфекција и овде антибиотската терапија не е лек на избор.

Антибиотиците не помагаат при вирусни инфекции и тука веќе станува збор за нерационално користење на антибиотската терапија. Посетата на лекар е важна, за навремено и соодветно отпочнување на терапијата како и спречување на компликации кои може да се јават при несоодветно и недоволно долго третирање на овие инфекции.

„Антибиотиците не помагаат при вирусни инфекции“

Кога станува збор за гнојна ангина , потребен е мултидисциплинарен пристап од оториноларинголог и инфектолог. Целта е да се спроведат серолошки анализи и да се даде соодветна терапија.

Кај децата кои често страдаат од воспаление на крајниците или гнојни ангини и често се под антибиотска терапија, се размислува и за оперативна интервенција (тонзилектомија или тонзилоаденоидектомија). Меѓутоа, за да се одлучиме за ваква интервенција потребно е детето да биде прегледано и следено од специјалист оториноларинголог, да се направат соодветни испитувања и да се постават апсолутни индикации за овој тип на третман.

Аденоидна вегетација

Кај деца кои често се разболуваат и често пијат антибиотици, од хетероанамнезата на родителот добиваме податоци дека:

  • детето спие со отворена уста,
  • се буди од спиење со глад за воздух (апнеа),
  • хрчи кога спие,
  • забележуваат намалување на слухот кај детето (треба повеќе пати да му довикнат додека се сврти, детето само зголемува глас на електронските уреди итн.).

Во овој случај, потребна е евалуација како на палатиналните тонзили, така и на аденоидната вегетација или трет крајник. Дијагностиката на трет крајник е со фиберендоскоп. Тоа е камера која трансназално се внесува и се врши евалуација како на носната празнина така и на крајникот. Покрај овој преглед, важно е да се направат и аудиолошки иследувања за да се види дали има или нема намалување на слухот, а со тоа да се спроведе и терапија.

Епистакса/Крварење од нос

Крварењето од нос  или епистакса може да се јави и кај деца и кај возрасни. Причините за епистакса кај децата се бројни: постојано чепкање на носот и разранување на носната слузница, инфекции, коагулопатии… Во моменти при крварење од носот потребно е главата да се наведне кон напред, да се издува носот и мануелно да се притисне во пределот на аларките (носните крилца).

Исто така, може во пределот на вратот или коренот на носот да се стават ладни облоги за да се постигне вазоконстрикторен ефект на крвните садови. Она што е важно, е да се открие причината зошто доаѓа до оваа состојба, бидејќи крварењето само по себе е последица на некоја друга состојба, а со тоа да се спроведе и соодветен третман.

Во случај ако крварењето е обилно и не прекинува, потребно е да се реализира носна тампонада од страна на оториноларинголог.

Доколку ваквите крварења се рецидивантни, потребно е да се споведат понатамошни анализи за да се дојде до соодветна дијагноза и терапија.

Отежнато дишење на нос – симптом во секојдневната пракса

Отежнатото дишење на нос како симптом е често во секојдневната пракса. Причините за овој симптом може да бидат: алергија, инфекција на носната лигавица (вирусна, бактериска), трет крајник кај деца, злоупотреба на деконгестивни капки, носна полипоза, тумори.

Во зимскиот период, при намалување на имунитетот чести се вирусните инфекции, на кои може да се придружат и бактериски инфекции. Како последица на тоа, доаѓа до отечена носна лигавица, а со тоа и отежнато дишење на нос. Во овој случај, придружни симптоми се: зголемена телесна температура, малаксаност, главоболка, секрет во носот. Пред почеток на терапијата, препорачливо е да се направат лабораториски анализи и да се земе брис од нос за да дознаеме дали станува збор за инфекција од вирусна или бактериска природа. Доколку станува збор за вирусна инфекција, терапијата е симптомжатска, а антибиотска терапија доаѓа во предвид доколку станува збор за бактериска инфекција.

Долготрајното користење и злоупотреба на деконгестивни капки, кои нормално би требало да се користат од 5-7 дена, исто таѓжжка доведува до отежнато дишење на нос. Третманот овде е постепно одвикнување на пациентот од деконгестините капки, замена на истите со спреј на база на морска вода кој може да се користи подолг временски период.

Алергиски ринитис

Алергиите се исто така многу чести. Се јавуваат и кај деца и кај возрасни, атопичари. Кај овие пациенти, покрај отежнато дишење на нос имаме слевање на секрет, кивање, солзење на очите, црвенило на кожата. Алергијата може да биде сезонска и тоа се пациенти кои се алергични најчесто на полен, на одредени растенија или целогодишна алергија, како што е алергијата на домашна прашина.

„Нетретираната или несоодветно третирана алергија/алергиски ринит може да доведе до појава на носна полипоза“

Исклучително е важно, кај овие пациенти да се спроведе соодветна терапија која вклучува антихистаминик и интраназален кортикостероид и да му се објасни на пациентот како правилно и редовно да ја користи. Најважно, во терапијата за алергиски ринит е избегнување на самиот алерген, дисциплина во користење на терапијата за да не дојде до егзацербирање на симптомите и ризик за пациентот да развие астма.

Исто така, нетретираната или несоодветно третирана алергија/алергиски ринит може да доведе до појава на носна полипоза. Тоа се бенингни творби во носните ходници кои го отежнуваат дишењето на нос. Се дијагностицира со носна ендоскопија, компјутеризирана томографија. Терапијата е медикаментозна/антиалергиска, како и оперативна.

Leave a Reply