Skip to main content

Интервју со Елена Граматикова

Моето име е Елена Граматикова, сопруга и мајка на две момчиња: Калин (5 години) и Илин (1 година). По професија сум дипломиран економист, специјалист за маркетинг и комуникации, и едукатор за родители. Како специјалист за маркетинг и комуникации работам речиси 16 години, од кои во последните 5 години активно се квалификувам и како едукатор за родители. Моментално сум студент на факултетот по психологија. Од 2021 година сум сертифициран едукатор за родители според методот на „Позитивна дисциплина“ на Џејн Нелсен и Лин Лот. Во таа насока станав и ко-основач на платформата „Позитивна Дисциплина“ за едукација на родители по овој метод во Македонија. Истата, 2021, година се стекнав и со интернационално акредитиран сертификат за „NLP“ практикант. Во 2023 година, завршив двегодишна едукација во Школата за семејна и системска психотерапија во рамки на институтот „Алтернатива“, Европски Акредитиран Тренинг Институт за Системска Психотерапија (EAPTI) каде се стекнав со сертификат за семеен и системски советник.

Елена Граматикова

Елена, пред да прејдеме кон конкретни прашања, објасни ни што точно значи позитивна дисциплина. Сметам дека многу често дисциплината се поврзува со казнувањето па затоа да почнеме од тој дел.

Зборот „дисциплина“ често се поистоветува со казнување, но во суштина, ако погледнеме во потеклото на зборот, тоа би биле два корена во латинскиот јазик од кои едниот е „дисципулус“ што значи ученик и „дисциплина“ што значи подучување, учење, насочување, знаење. На нас, како родители, задачата ни е да ги насочиме децата да најдат соодветни решенија и да ја поправат грешката, а не да ги казнуваме доколку згрешат. Позитивна дисциплина е начин на воспитување заснован на позитивно поттикнување, разбирање, охрабрување и конструктивна комуникација меѓу родителите и децата. За разлика од традиционалното поимање на дисциплината, позитивната дисциплина не подразбира казнување.

Бидејќи го споменав казнувањето, честопати истото може да биде и на физичка основа. Традиционално, тоа било применувано и во семејството и во училиштата. Кои се штетните ефекти од истото врз развојот на детето и дали физичкото казнување може да биде услов за уште поизразено несакано однесување?

„Насилството создава насилство“ е многу точна констатација. Физичката казна е форма на семејно насилство каде што имаме супериорна, возрасна личност која е физички посилна и имаме дете кое е жртва во инфериорна позиција, помало, послабо, поисплашено. Зарем ова не е доволно да сфатиме колку е погрешна употребата на физичка казна?

Бројни истражувања ни докажуваат дека физичкото казнување е причина за голем дел од психосоцијалните проблеми кај деца и подоцна кај возрасните кои биле физички казнувани.

Ќе го цитирам Јеспер Јул кој вели: „Физичката злоупотреба е повреда на интегритетот на детето, дури и кога зборуваме за „малку тепање“ или „физичко казнување“. Користиме еуфемизми наместо да го наречеме чисто насилство, со што се потврдува свесноста за грешката“.

Во контекст на однесувањето на детето по насилството, би истакнала дека Адлеровата психологија се базира токму на она чувство и верување кое нѐ води и мотивира кон одредено дејствие или однесување, па така, доколку се чувствуваме добро, се однесуваме добро или пак во ситуација на насилство, резултатот би бил насилство, повлекување, самоповредување, срам и антисоцијално однесување.

Често, родителите се наоѓаат во ситуации каде што детето поради своја причина не го слуша налогот на родителот. Родителот, поттикнат од тоа, почнува да вика, да се заканува, а детето пројавува уште поголем бунт. Според тебе, како е најсоодветно да се реагира во ваква ситуација? На кој начин да се делува врз детето за она што е соодветно за него иако се соочуваме со негација, а сепак да ги почитуваме неговите граници?

Во ситуација кога имаме борба за моќ, најдобро е да направиме пауза. Да се смириме и да му дадеме време и на детето да се смири. Потоа, можеме конструктивно да разговараме и да бараме соодветно решение на проблемот.

Ние, како родители, мора да го почитуваме интегритетот на детето, но истовремено, мораме да поставуваме граници кои се дел од нашите верувања и слика на нашиот интегритет. Потребен е баланс и понекогаш компромис кои не можат да се постигнат со борба за моќ. Детето ќе соработува и ќе слуша кога ќе биде слушнато и кога ќе почуствува конекција со родителот, па така, наша задача е секогаш да се фокусираме на конекција пред корекција.

Се повеќе слушаме за поставување на одредени правила во семејството, доделување обврски и одговорности. Верувам дека за различна возраст на детето, постојат и различни начини на поставување. Но, на што треба најмногу да внимаваат родителите при поставување на правила во семејството за тие да бидат пред се, константно извршени од страна на малите членови?

Правилата во семејството се одлика на верувањата на возрасните членови во семејството. Затоа имаме и толку различни семејства со различни правила, рутини и навики.

Пред да поставиме некакво правило или да побараме некаква одговорност од детето, треба да знаеме зошто го правиме тоа, што детето ќе научи од тоа? Каков ефект има тоа на иднината на нашето семејство и на детето како индивидуа?

Никој не сака да добива наредби и задолженија. Децата не се исклучок. За да поставиме одредени рутини и обврски правилно и со почит, мора тоа да го направиме со согласност. Затоа ги користиме семејните состаноци каде на секој состанок се зборува за обврски, одговорности, проблеми и ситуации кои семејството треба да ги реши. Сите членови на семејството учествуваат во размена на идеи и донесување на решенија и одлуги за кои рамноправно се гласа. На овој начин, на детето не му нарушен интегритетот, учи како да донесува одлуки, како да изнаоѓа решенија и учествува во поставување одговорности и обврски за себе, а со тоа учи доследност кон себе и кон останатите.

Од колкава важност е поставувањето на правила и граници за развојот на децата?

Многу често се користи терминот „поставување граници“, а малкумина од нас знаат што значи тоа или пак како тоа се менувало низ историјата. Во минатото, имаме авторитет на родителот, а денес сѐ повеќе се гледа интегритетот на детето и важноста да се почитуава истиот. Границите можеме да ги гледаме како личен авторитет наместо како авторитетна моќ над детето затоа што тоа се правила кои ги поставува родителот според сопствени желби и убедувања. Ова значи дека ние како родители треба да ја преземеме одговорноста.

Треба да сме свесни дека децата кога влегуваат во циклус на несоодветно однесување, како на пример изливи на гнев со тепање и кршење нешто, имаат нешто да ни кажат. Екпресијата на емоциите е комуникација. За да слушнеме, мораме да имаме емпатија и да се поврземе со детето, а истовремено, мораме да поставиме граница за начинот на екпресија на емоцијата. Ние, родителите сме тие кои треба да ја преземеме одговорноста во овие моменти со зборовите „не дозволувам да удираш“, наместо дополнително да го оптеретуваме детето со чувство на вина, етикетирање со несоодветни зборови и барање со молби детето само да реши дека треба да престане. Децата во овие моменти сакаат да бидат разбрани и насочени. Ова можеме да го направиме само со емпатија и лична одговорност во поставуање на граници.

Конекција, а не корекција. Јас постојано си ја имам на ум оваа реченица во моменти кога доживувам негативни емоции заради некоја постапка на моето дете. Кој е твојот став позади оваа реченица?

Нема посилна и поточна изјава од „конекција пред корекција“

бидејќи преку неа зборуваме за емпатија, сочувство, прифаќање, разбирање, љубов, нежност и истовремено, поставување на граници. Како што кажав пред малку, емоциите се комуникација и мораме да слушнеме со отворено срце за да разбереме што му е потребно на нашето дете, а не само да се трудиме да ја наметнеме нашата волја како родител.

Ајде да се насочиме кон позитивната дисциплина во училиштето, како едно место каде што децата поминуваат најголем дел од времето после домашната средина. Кој е твојот апел, совет до образовните работници? На што да се насочат, како да ја применат истата?

Постојат програми и курсеви наменети токму за воспитувачи и наставници кои се одвиваат на ист принцип како овој за родителување со позитивна дисциплина. Алатките се многу слични и се надевам дека еден ден ќе се сертифицирам за едукатор на воспитувачи и наставници.

Знам колку е тешка работата со многу дечиња и верувам дека не е лесно да се воспостави ред. Мојот апел е да се трудат да најдат начини кои се надвор од традицоналното викање и казнување со цел да постигнат долгорочна соработка во училниците. Децата учат по пример, ако ги почитуваме и тие ќе не почитуваат.

На кој начин е поврзана позитивната дисциплина со емоционалниот развој? Како таа влијае врз формирањето на личноста на детето?

Емоционалниот развој е поврзан со начинот на кој ги воспитуваме децата, а позитивната дисциплина ни нуди алатки да го охрабруваме подеднакво емоционалниот и психосоцијалниот развој. Со позитивна дисциплина работиме на лажните верувања кои може да се појават кај детето. Овие верувања го мотивираат да се бори за моќ, за центар на внимание, одмазда или пак да се откажува мислејќи дека е неспособно. Во суштината на позитивната дисциплина е учењето дека детето се однесува добро кога се чуствува добро. Ова чувство на хармонија и баланс доаѓа од чувството за припадност и значајност во семејството. Наша задача е да му овозможиме на детето средина во која ќе биде безбедно, заштитено и ќе се чувствува дека припаѓа и придонесува. Со ова градиме самодоверба, одговорност, автономија, интегритет и среќа.

Одгледувањето на дете, ми се чини е една од најтешките работи и воопшто не е едноставно. Секој родител верувам, тежнее да биде најдобар за своето дете, но најверојатно совршен родител не постои. Па оттаму, што е родителување како поим? Што означува позитивното родителување?

Совршенство не постои. Никој не е совршен и нема да биде.

Наша задача како родители е да растеме заедно со детето, да се едуцираме, да се трудиме и да не се плашиме од грешките, туку да учиме од нив. Позитивно родителување е родителување со почит и поттикнување на децата да откријат колку се способни. Децата се насочени конструктивно да ја користат својата моќ и да изнаоѓаат решенија во различни стуации. Позитивната дисциплина ги учи децата на важни социјални и животни вештини со кои им се гради карактерот.

Родителите се првиот пример за своите деца. Но, секое семејство е приказна за себе и претставува еден вид на уникат кој не можете да го видите на друго место. Што мислиш за родители кои постојано го споредуваат своето семејство, дете со друго семејство, дете? Како тоа директно, индиректно влијае врз самото дете?

Родителот е модел за детето и тоа најмногу учи гледајќи ги родителите.

Ако сакаме детето да прави нешто, треба и ние самите да го правиме, и обратно. Многу често велиме „не викај“ со викање. Ова е збунувачки за детето и како наредба нема долготраен ефект. Доколку се симнеме на негово ниво и нежно и тивко му кажеме да не вика, детето ќе „се зарази“ со нашата смиреност и многу е поверојатно дека ќе се смири. „Емоциите се заразни“

Споредувањето не е ништо друго освен потценување за детето. Со споредување му кажуваме дека другото дете е подобро од него. На овој начин, ја поткопуваме самодовербата кај детето и создаваме плодно поле за завист, љубомора, гнев и тага. Треба да се запрашаме дали сакаме детето цел живот да се споредува со некој или да биде доследно на себе.

Во позитивната дисциплина, акцент ми се чини се става на комуникацијата помеѓу родител-дете. Свесна комуникација, каде што верувам родителот е посветен, како и детето на темата околу која говорат или чувствата кои ги искажуваат. Која е разликата помеѓу деца каде што овој однос е развиен со деца каде што изостанува истиот?

Дете кое расте со позитивна дисциплина е дете кое пробува да најде решение за секој проблем, не се плаши да згреши, знае како да научи од сопствените грешки, знае како да се извини и како да воспостави повторна конекција. Позитивната дисциплина ги учи децата да преземат одговорност за себе и своите постапки и да бидат доследни на договори и кон себе.

Мора да имаме на ум дека зборуваме за деца, и исто како и ние возрасните, тие не се совршени, но се стремат кон подобрување. Секое дете, како и возрасен, има потенцијал да биде подобар.

За крај, би сакала да се насочам кон нешто кое е од исклучителна важност за децата. Нашата присутност во моментот како родители за нашите деца и активното слушање. Честопати, заради обврски, брзање, стресно секојдневие автоматски одговараме на прашањата на нашите деца. Кои се твоите препораки за родителите во однос на тоа како да бидат поуспешни во тие конкретни ситуации?

Доколку не можеме да го ислушаме детето треба тоа да го кажеме. „Извини мило, во моментов морам да се фокусирам на ова што го правам, ќе завршам за 5 минути и ќе седнеме да ми раскажеш. Навистина сакам да те слушам убаво додека ми зборуваш, многу ми значи тоа што сакаш да ми го кажеш.“

Детето треба да знае дека сте тука за него, дека ве интересира што има да каже, дека ви значи и дека сте спремни да го ислушате и да му посветите внимание. Може да имате и посебно време за разговори, како на пример, за време на ручек, после работа, за време на прошетка или било кој дел од денот без мобилни, без ТВ, без дистракции.

Leave a Reply