Како до правилен изговор на гласот Ш? – е честа причина поради која родителите се консултираат со логопед. Во развојот на своите говорни вештини, правилниот изговор на гласот Ш може да биде предизвик за многу деца. Неправилностите во говорот, вклучувајќи го и изговорот на гласот Ш, може да го направат говорот на детето да биде помалку разбирлив.
Грешките во говорот и погрешниот изговор се вообичаени кај сите деца, додека растат и се развиваат. Сепак важно е да се напомене дека постои временски опсег кога се очекува децата да совладаат одреден глас. За продукција на гласот Ш постои широк временски опсег во кој детето може да се стекне со правилен изговор. Вообичаено од 3 ипол до 6 годишна возраст треба да слушнете правилно изговарање на гласот Ш. Секако, доколку забележите дека вашето дете има потешкотии во изговорот на гласот Ш, Ве охрабрувам да не чекате до 6 годишна возраст за да побарате помош од логопед за корекција на овој глас.
Важноста на раната интервенција и корекција на гласовите, е од огромно значење за децата, бидејќи колку порано се започне со корекција на одреден глас, толку е поголема веројатноста дека ќе се постигне негов правилен изговор.
Грешки при изговор на гласот Ш
Постојат неколку грешки кои се случуваат при изговор на гласот Ш. Најчеста е супституцијата или замената на гласот Ш со гласот С ( на пр. наместо шал, детето изговара сал). Други чести причини во нарушен изговорот на гласот Ш е негова дисторзија. Во овој случај децата погрешно го поставуваат јазикот или ја држат устата поотворена. Доколку, погрешно се постави јазикот или пак забите не се допираат доволно едни до други, Вие сигурно ќе слушнете дистрозија на гласот Ш.
Правилен изговор на гласот Ш
Положбата на јазикот, е од голема важност во правилниот изговор на гласот Ш. Јазикот треба да биде поставен во неутрална позиција, не треба да биде поставен премногу доле ниту пак горе. Страните на задниот дел од јазикот треба да ги допираат внатрешните страни на горните катници. Врвот на јазикот треба да биде насочен кон предните заби. Откако јазикот ќе биде поставен во оваа положба, треба да ги заоблите усните, и да дозволите воздухот да помине над јазикот.

Совети за подобрување во изговорот на гласот Ш
Препознајте правилен од неправилен изговор – Оваа вежба може да биде многу интересна игра која ќе ја играте со вашето дете. Дозволете му на вашето дете да биде во улога на “учител” кој ќе забележува како вие го изговарате гласот Ш. Вие во оваа вежба обидете се неколупати правилно и неправилно да го изговорите гласот. Вашето дете на лист хратија/табла може да забележува колку пати е правилно/неправилно изговорен гласот. Оваа вежба ќе му помогне на вашето дете да ја согледа разлика во различниот изговор.
Вежбајте правилен изговор на гласот Ш – За почеток важно е да се осигурате дека вашето дете знае како правилно да ги постави – јазикот, забите и усните. Откако вашето дете ќе го совлада овој чекор, преминете во изговарање на гласот Ш во изолирана форма, односно вежбајте го само гласот Ш без да додавате самогласки или согласки.
Откако вашето дете ќе го совлада и правилно ќе го изговара гласот Ш, тогаш е време да се премине на ниво на слогови. Прогресот во логопедскиот пристап се одвива низ типичен редослед, започнувајќи со:
ниво на самостоен глас,
ниво на слог,
ниво на збор,
ниво на реченица,
ниво на разговор.
Од голема важност е да се напомене дека, Вежбите за корекција на гласот Ш, ќе го дадат најдобриот резултат со навремена посета на логопед, конзистента присутност на логопедски часови и редовност во извршување на домашните логопедски задачи.
Текстот го напиша – Моника Цветковска – логопед