На самиот почеток е најважно да напоменаме дека секое дете или возрасен со аутизам или аутистичен спектар на однесување е различно и не постојат две исти личности со аутизам. Секоја индивидуа е уникатна, единствена како сама по себе така и за околината. Секоја личност со аутизам има свои посебни, силни страни и предизвици со кои што се соочува. Зголемувањето на бројот на личности дијагностицирани со аутистичен спектар на однесување ја издвои потребата за нагласување на видовите интервенции кои можат да доведат до висок квалитет на живот кај истите.

Немедицинските интервенции честопати се занимаваат со едно тематика во исто време и може да дадат резултати во тие специфични области, како и општо подобрување во функционирањето. Важно е да се напомене дека лек за аутизмот не постои. Но, со одредените третмани, пристапи, методи кои ќе ги споменеме во текот на овој текст значително се подобрува состојбата, се намалуваат некои од негативните ефекти и се зголемува квалитетот на животот.
Што преставува аутизмот? Аутизам или аутистичен спектар на нарушувања (autism spectrum disorderѕ, ASD), претставуваат широк спектар на состојби кои се карактеризираат со предизвици во социјалните интеракции, говорот и невербалната комуникација како и повторувачки однесувања. Иако аутизмот, како термин бил дефиниран пред 50 години, веројатно оваа состојба била дел од човечката состојба низ историјата. Постојат повеќе дефиниции за објаснување на аутизмот. Според Светската здравствена организација (СЗО), детскиот аутизам претставува первазивно развојно нарушување кое се дефинира со постоење на ненормален или оштетен развој кој се манифестира пред третата година од животот со карактеристичен облик на патолошко функционирање во сите три области на социјалните интеракции, комуникацијата и повторувачкото однесување.
Американската психијатриска асоцијација (АПА) во 1994 година го дефинира аутизмот како широк континуум на поврзани когнитивни и невробихејвиорални нарушувања вклучувајќи три карактеристики: нарушувања во социјализацијата, нарушувања во вербалната и невербалната комуникација и рестриктивни репетативни форми на однесување. Во 1943 година во публикацијата на Leo Kanner, се опишани 11 деца со т.н “инфантилен аутизам” или во денешната литература може да се сретне како Канеров аутизам. Овие деца се карактеризирале со екстремна осаменост, лоши комуникации и отпор кон промени. Терминот “аутизам” го позајмил од описот на шизофренијата од познатиот психијатар Еуген Блојлер каде што исто така се забележува повлеченост од реалниот свет, што е заедничка карактеристика за двата ентитета. Меѓутоа, важно е да се додаде дека оваа врска со шизофренијата води до неправилен заклучок дека “инфантилниот аутизам” е рана форма на ова нарушување што воопшто не е точно.
Терапии кои значително го подобруваат функционирањето
Плеј Терапија (Терапија со игра) – Децата со аутизам често играат поинаку од другите деца. Тие се фокусираат на делови од играчката (како тркала) наместо на целата играчка. Често пати децата со аутизам не ја разбираат играта на другите деца, имаат потешкотии во вклучување во истата и следење на правилата на играта. Но, за многу деца со нарушување на спектарот на аутизам (АСД), играта е начин на кој тие се изразуваат – нивните играчки и нивните постапки може да станат нивни зборови. Играта може да им помогне на децата со АСН да научат и да се поврзат со други луѓе, деца и возрасни на начин што тие го разбираат. Терапијата со игра може да ги подобри нивните социјални и емоционални вештини, да им помогне да размислуваат на различни начини, да им ги зголеми јазичните или комуникациските вештини и да ги прошири начините на играње со играчките и однесувањата со другите луѓе.

Окупациона терапија – Окупационата терапија е вид на третман кој што е насочен да им помогне на лицата од сите возрасти кои што имаат функционално моторно, сензо-моторно, перцептивно, невропсихолошко и/или психо-социјално нарушување. Оваа терапија им помага на лицата да го подобрат квалитетот на својот живот низ изведувањето на различни активности, да станат посамоуверени, да се справат во секојдневните ситуации, да ги изведуваат различните улоги во нивниот живот, доколку ја немаат или ја изгубиле способноста поради болест, повреда или хендикеп. Целта е да се постигне максимална самостојност и слобода во секојдневниот живот.
Окупационата терапија има за цел:
· Помош и адаптација во средината на живеење, семејството и работното место;
· Насочување и задржување на вниманието;
· Подобрување на расположението;
· Поттикнување на комуникацијата;
· Поттикнување на самостојност;
· Поттикнување на самостојност и изведување на активности за грижа за себе во секојдневните активности;
· Увежбување на перцептивните функции;
· Увежбување на мануелната спретност;
· Поттикнување на расположението;
· Правилно менаџирање на стресот;
· Делува на психосоцијалните активности (преку социјални контакти остварени низ работа во група);
· Правилно менаџирање на слободното време (игра, спорт, хоби, интереси, социјализација);
· Помага за контрола и ослободување на неприкладни импулси;
· Помага за прифаќање на сопствениот идентитет на личноста.
АБА Терапија (Бихејвиорална терапија) – АБА е краток назив за применета анализа на однесувањето, и често се опишува како “златен” стандард за третман со аутизам.
Применливата бихевиорална анализа (ABA) е систем на аутизам третман врз основа на теориите за однесување кои едноставно кажано, наведуваат дека правилното однесување може да се научи преку систем на награда и последица (или од неодамна, награда и задржување на награда).
Поголемиот дел од времето, АБА има за цел да ги намали непожелните однесувања и да ги научи посакуваните однесувања и вештини. На пример, АБА може да се користи за да се намалат испади и бесот или да се научи детето да седи тивко, да користи зборови за да бара или да чекаат на ред во игралиштето. АБА исто така може да се користи за да се научат едноставни и сложени вештини. На пример, АБА може да се користи за да награди дете за правилно чистење на забите или за споделување на играчка со пријател.
Терапија со музика – Верувањето во лековитоста на музиката е многу старо. Сведочења за елементите на музикотерапија се наоѓаат во многубројните извори на сите народи во светот. Од антички списи и библиски текстови, преку шамански ритуали и историја на музичките инструменти до народни игри и стари песни за заспивање. Грчкиот филозоф Аристотел тврдел дека музиката има моќ да го формира карактерот. Затоа што звукот од почетокот на нашиот живот се менува во нешто што останува во кожата. Тој е во нашите движења, тој е сила и движечка сила на тензијата и опуштањето, како што тоа го објаснил д-р Роналдо Бенензон, музикотерапевт и прв претседател на Светската музикотераписка федерација. Музикотерапијата има големо значење во јазичниот и емоционалниот развој, разбирањето меѓу врсниците, влијае на когнитивните способности и развојот на моториката.

Холдинг терапија/метода – Холдинг терапијата се изведува на начин на кој што едно лице обично мајката, цврсто го држи своето дете со аутизам на начин што обезбедува контакт со очите меѓу нив. Целта е намерно да се предизвика вознемиреност кај детето, додека на детето не му треба и не прифати утеха. Овој вид на терапија овозможува подобрување на односот дете-родител и општо подобрување на односот со другите луѓе. Се употребува најмногу кај деца со аутистичен спектар на однесување од 0 до 18 години.
Сензорна интеграција – Сензорната интеграција се занимава со тоа како мозокот ги обработува сензорните информации кои доаѓаат од повеќекратни сензорни модалитети. Ова ги вклучува 5-те класични сетила: вид (гледање), слух (слушање), тактилни информации (допир), олфакторни стимулации (мирис) како и густација (вкус). Важно е информациите кои доаѓаат од различните сензорни модалитети да бидат веродостојни. Самите сензорни информации се во облик на различни електрични сигнали и во различни контексти. Преку сензорната интеграција, мозокот може да ги поврзе сите сензорни информации во кохерентна перцепција, врз база на која нашата интеракција со околината е заснована.
Пишува: дипломиран специјален едукатор и рехабилитатор Ивона Трајковска, магистер по психологија од областа на клиничка и советодавна психологија