Употребата на наркотици како одбрамбен механизам кај лицата кои пелтечат - Gaspar Centar

Слободата да говорат без напор, блокада или завлекувања е единствената желба на лицата кои се соочуваат со пелтечење. Дали оваа цел ги наведува да посегнат по употреба на недозволени супстанции за да ја подобрат својата говорна состојба?

Пелтечењето е говорно нарушување кое ги афектира милиони луѓе ширум светот, предизвикувајќи пореметување во нормалниот тек на говорот – флуентноста. Оваа состојба честопати е предизвик за лицето кое ја искусува. Токму затоа, пелтечењето и употребата на наркотици е една комплексна врска, чија поврзаност е честопати погрешно разбрана.

Долгорочните последици од употреба на алтернативно решение за нашата говорна состојба се она кое не наведува да се запрашаме: Дали подоцна ќе си го платиме данокот за ова моментално чувство на слобода во говорот?

Како се манифестира пелтечењето?

Пелтечењето може да се манифестира на различни начини, вклучувајќи: повторување на глас, слогови или зборови, продолжување на гласови, па дури и целосна блокада во говорот. Пелтечењето често се појавува за време на детството но, може да продолжи и во адолесцентноста. Причините за појава на пелтечење можат да бидат генетски, невролошки и средински фактори. Со оваа состојба, поединци се справуваат во текот на целиот свој живот. Покрај говорните потешкотии, лицата кои пелтечат честопати се соочуваат и со намалена самодоверба, анксиозност и социјална изолација. Но, добро познати тригери на пелтечењето се стресот и чувството на аксиозност. Во овие ситуации кога лицето што пелтечи се соочува со стрес, пелтечењето се повеќе е изразено.

Во оваа ситуација се надоврзуваат и чуството на страв од осуда или исмејување поради начинот на кој што говорат, создавајќи го тој маѓепсан круг на анскиозност и пелтечење.

Токму тој маѓепсан круг може да ги наведе да бараат утеха во употреба на забранети супстанции, како што се наркотиците и алкохолот.

Иако употребата на наркотици можеби моментално ќе ја намали анксиозноста предизвикана од оваа состојба, долгорочно нивната употреба не претставува решение и злоупотребата на овие супстанци може само да доведе до дополнителни негативни ефекти врз говорот и јазикот. Последиците од нивна употреба, се она на кое ние треба поблиску да погледнеме и разбереме како истите влијаат на нашата когнитивна фукнција, социјална изолација и како физички може да не афектираат.

Најчесто лицето кое конзумира наркотици, се соочува со нарушена когнитивна фукнција, и влијае да поединецот не размислува и зборува јасно, во спротивно поединецот може уште повеќе да пелтечи. Исто така уште повеќе ја зголемува социјалната изолација, односно, лицето се повеќе се повлекува од социјалните собири со цел самостојно да ја употребува. И секако, дејството на самиот наркотик, може да ги афектира и мускулите кои ни се важни за координација на нашите артикулатори, потребни за продукција на говор. Додека, некои поединци може да искусат моментално олеснување  во флуентноста на говорот преку употреба на наркотици, поврзаните ризици и последици далеку ги надминуваат сите потенцијални придобивки.

Овие се низа на чекори кои не водат до несовладување на состојба, напротив само не оддалечуваат од нашата цел, а тоа е долготрајна, а не привремена слобода во говорењето. Токму затоа од голема важност е да согледаме дека употребата на наркотици, не ја подобрува нашата говорна состојба, влијае на нашето ментално здравје и нашата социјализација. Клучно за лицата кои пелтечат е да побараат професионална поддршка и третман за ефикасно да се справат со нивната состојба. Наместо да се потпираат на употреба на наркотици, тие можат да најдат трајни решенија кои ќе го подобрат севкупниот начин и квалитет на живот.

Пишува: Моника Цветковска Темелковска, специјалист клинички логопед

                            

Leave a Reply