Skip to main content

Добро е познато дека децата најмногу од се сакаат да си играат, затоа во процесот на поттикнување на говорно-јазичниот развој треба да се користат разработени логопедски игри кои служат за развој на аудитивното внимание, подобрување на изговорот, проширување на вокабуларот, поврзување на изговорениот збор со слика или предмет, правилно обликувана реченица, одговор на прашања.

Игри со дување: поттикнување на течно издишување, активирање на мускулите на усните

Децата уживаат во игрите со дување на различни материјали (меурчиња, памучни топчиња, хартија) и на овој начин вежбаат орални моторни вештини и насочување на воздушната струја. Важно е да не дуваат нагло, силно и со надуени образи, туку издишувањето да биде продолжено, течно и насочено кон материјалот.

  • ТОПЧИЊА: ставете ги памучните топчиња пред децата, на договорениот сигнал плескајте со рацете, а децата треба да дуваат во топчињата со едно долго издишување. Победник е оној чија топка ќе отиде подалеку.
  • ПАТ: направете патека на масата од селотејп, патеката може да биде едноставна – права или крива, детето има задача да ја води топката по патеката со дување.

Што прави? Кој работи? – вежба за поттикнување на разбирањето и учењето на зборови составувајќи кратка реченица

Со понудените слики прво вежбаме аудитивно внимание и разбирање. Вие кажувате реченица, а детето ја покажува на сликата. После тоа вежбаме прашања со слики (кој; што; со што; како; зошто) според возраста и способностите на детето. Детето може само да го покаже одговорот со прстот, а ако не го знае одговорот, вие му давате избор помеѓу два можни одговори.

После тоа, ја играме играта за довршување реченица, така што вие го кажувате првиот збор, а детето го додава вториот или вие ги кажувате првите два збора, а детето третиот. Потоа го охрабруваме детето да ја каже целата реченица.

Пример за работа:

1. Покажи каде мама мие садови, покажи каде учи баткото…

2.  Кој мие садови? Со што (што има)? Како функционира (имитација)? Зошто се мие?

3. Мама мие__________. Бебето _________. Кучето ___________. Тато______.

4. Повтори (реченица) по мене; кажи ми што гледаш таму?

Лета, скока, плива, оди

Цел на играта: Развој на аудитивното внимание, разбирање на говорот, збогатување на речникот со именки и глаголи.

Игра: Родителот ќе го замоли детето внимателно да слуша. Кога родителот ќе каже нешто што е вистинито, нешто што е возможно и во реалниот живот, детето треба да плесне со рачињата или да подскокне. Кога родителот ќе каже нешто невозможно или нереално, детето треба мирно да стои. Потоа може да ги замените улогите.

Пример:

  • Рибата плива.
  • Кучето лета.
  • Креветот оди.
  • Столот плива.
  • Авионот лета.
  • Зајакот скока.
  • Човекот оди.

Пронајди 5

Цел на играта : Збогатување на вокабуларот (именки)

Игра: Родителот треба да одбере некој глагол и детето да каже 5 именки кои одговараат на тој глагол. На пример: Што може да отвориме ? Детето треба да одговори со 5 логични реченици: Може да ја отвориме вратата. Може да го отвориме шишето. Може да го отвориме ранчето. Може да ја отвориме книгата. Може да ја отвориме кутијата.

Во почетокот си играте така што предметите кои што се наведени детето треба да ги пронајде и да го повтори името на предметот па потоа да состави реченица.

Предлог за можни задачи: Што може да затвориме?, Што може да бришеме?, Што може да пиеме?

Дипломиран логопед, Мартина Милошеска

Leave a Reply