Што кога се соочуваме со проблем во артикулација на глас? – Gaspar Centar

Како и целокупниот развој на децата така и изговорот на гласовите кај секое дете е индивидуален. Некои гласови едни деца ги изговараат со леснотија, додека пак за други деца истите тие гласови може да претставуваат предизвик и ќе бидат неправилно изговорени, заменети со други или пак воопшто нема да бидат изговорени. Додека се помалечки начинот на кој зборуваат со нас, начинот на кој ги изговараат гласовите дури и да е неправилен на возрасните им звучи интересно и симпатично, но родителите треба да го следат развојот на говорот и јазикот на своите деца и доколку забележат или се посомневаат дека има отстапувања во говорниот и јазичниот развој или проблем во артикулацијата на гласовите веднаш треба да побараат стручно мислење затоа што колку подолго одреден глас се изговара неправилно толку потешко се корегира.

          До 5,5 годишна возраст според одредени норми треба сите гласови правилно да се артикулираат. Дислалија е нарушување на изговарање на гласови, односно неправилен изговор или неможност да се изговори глас или цела група гласови. Причините зошто глас или група гласови се дисторзирани, супституирани или омисирани односно неправилно изговорени, заменети или испуштени во зборот можат да бидат органски или функционални, како на пример:

  • отстапување во градба или функција на артикултивни органи;
  • лош фонтематски слух;
  • забавен говорен развој;
  • оштетување или губење на слухот;
  • лош говорен пример;

Штом се обратите на логопед, логопедот ќе изврши опсервација и со тестови за артикулација ќе направи логопедска дијагностика. По извршената логопедска дијагностига доколку има потреба одреден глас да се корегира се пристапува кон изработка на план и програма за работа и се почнува со третман на артикулативниот проблем. Логопедските третмани се одвиваат 2 до 3 пати неделно, зависно од процената на логопедот колку чести третмани на детето му се потребни. Часовите опфаќаат вежби за правилен изговор на глас: – на детето му се покажува каква е поставеноста на устата и јазикот кога се изговара гласот кој е детето го испушта, го заменува со друг глас или не го изговара. Ваквите вежби се препорачува да се изведуваат пред огледало. Откако детето ќе научи каква е поставеноста на говорниот апарат за изговор на гласот, се пристапува кон вежби за повторување на тој глас прво изолирано, па слоговно односно гласот кој се учи се повторува во комбинација со вокал. Следно се пристапува кон зборовни вежби во комбинација со вокал во сите положби и зборовни вежби во комбинација на гласот со консонантски групи исто така во сите положби. Гласот се смета за научен кога детето тој глас може функционално да го применува во секојдневното зборување, опшување на слики, раскажување, читање.

          Побарајте совет од логопед веднаш штом се посомневате на отстапување од нормалниот говорен и јазичен развој.  

Пишува. Спец.кл.логопед Викторија Сиљаноска

Leave a Reply