Skip to main content

Интервју со М-р Николина Петровска

М-р Николина Петровска е медиумски едукатор по професија. Работи во компанијa како едукатор и маркетинг асистент. Дипломирала – Новинарство и односи со јавноста, а мaгистрирала – Предучилишна педагогија со посебен осврт и истражување на темата: ”Децата и медиумите”.

Повеќе од 10 години интензивно го надоградува своето знаење преку обуки и курсеви во земјата и странство на тема: “Децата и медиумите”. Нејзините консултации помогнале на бројни семејства во едукација за дигиталниот свет.

Централизацијата во државата ја нервира, а онлајн пазарот и компанијата во која работи ја мотивираат. Нејзина визија е што поголем број на родители да се информираат дека нема содржини за бебиња и нема содржини наменети за целата публика. ГЛАСНО ЗБОРУВА ЗА ТОА! Нејзина мисија е нејзината визија да го направи светот поубаво место за живеење.

Николина, постојано ја слушаме добро познатата реченица “Првите 7 години се клучни за развојот на детето”. Бидејќи со тебе говориме за технологијата, кое е влијанието на технологијата во првите седум години од животот на детето? Покрај негативните ефекти, би сакала да ги споменеш и позитивните доколку на правилен начин се користи истата.

-Искрено до седмата година штетните последици од неправилна употреба се многу поголеми отколку подоцна. Затоа што и самата кажа дека овие години се клучни за развојот. Презаштитувањето и изложувањето пред несоодветни медиумски содржини не го развиваат мозокот. Мозокот се развива со движење. Современиот родител не му дава на своето дете да скока, да се врти, да трча, да се движи, а тоа е најважното за развојот на мозокот. Современиот родител бара од детето да е мирно. Како го прави тоа? Со поставување на таблетот и телефонот пред него. Наместо правилен развој, семејството ги става потребите на детето под тепих. Тоа резултира со последици во говорот, осамостојувањето, агресија, лош однос кон исхраната, недоволен сон и сл.

-Во тој период, јас најмногу препорачувам слушање на музика од аудио формат. Со таа цел го создадов каналот на “Бесконечно Царство” на YouTube, но планирам да емигрирам и на друга платформа.

-Би препорачала и содржина од типот на “Дајте Музика” и “5+ (пет плус)” после втората година. Дводимензионални анимации во умерени количини од максимум 30 минути на ден можат да бидат исто така безопасни доколку се внимава и будно се следи детето. Се на се до 7 години штетите се поголеми од предностите.

Во своето секојдневие, родителите се соочуваат со ситуации каде што децата одбиваат да ги извршуваат своите обврски поради изложеност на екрани. Кој е твојот став околу ова и секако кои се твоите препораки за да се пронајде решение кое ќе биде ефективно на подолг рок?

“Цело стадо завршило во провалија поради слеп овчар” – Родителот ја има улогата на водач на детето, особено во првите години кога детето го осознава светот. Оттука, родителот треба да ги дефинира улогите. Дали детето му е родител нему или тој е родителот кој треба да води.

Се соочуваме и со многу деца кои немаат никаков интерес за играчки поради преголемата изложеност на екрани. Зошто е тоа така?

-Еднонасочната комуникација која ја нуди екранот тотално го уништува развојот. Несоодветната изложеност пред екрани на мали деца во најновите истражувања се покажува како еднаква со зависноста од кокаин кај возрасните. За што има интерес зависникот од дрога? Како да најде начин да стигне до целта. Така и детето кое ќе прерасне во зависник од технологија прави се за да стигне до истата, зошто би го интересирало нешто друго?

Што се случува со децата кои пројавуваат агресија како последица на дигиталната технологија? Значи, овде не говориме само за изложеност на екрани, туку и играње на разни видео игри и сл.

-Да си писмен денес не значи само да знаеш да читаш и да пишуваш. Токму за такво описменување зборувам јас кое треба да го имаат децата до 13 години. До 13 години родителот треба да го насочува своето дете кои содржини се во склад со нивното семејство и начин на воспитување. Најчесто, родителите во овие ситуации не прифаќаат дека има проблем, го штитат своето дете и мислат дека тоа е нивната улога. Напротив, со тоа го охрабруваат детето. Јас имам анализирано таков медиумски случај кој е истражуван.

-Станува збор за дете кое без надзор имало контакт со несоодветна литература, филмови и игри. Немало родителска грижа и сето тоа ескалирало со убиство на свои соученици. Стануваше збор за случај каде што многу работи биле ставани под тепих. Детето било идеализирано од страна на родителите без поставување на соодветни граници со несоодветна комуникација од страна на мајката. Иако знаеле дека постои некаков проблем, тие сепак прикажувале дека се е во ред и го негирале проблемот. Секој кој ќе им укажел, бил мета на осуди. На крај целото семејство е уништено засекогаш! Токму затоа во семејствата во кои децата пројавуваат агресија, од исклучителна важност е да побараат помош доколку не можат сами да се соочат со предизвикот. Не е срамно да погрешиш, срамно е да глумиш дека се е во ред доколку не е.

Според мене, целосна рестрикција на технологија не постои. Но, секако дека можеме да влијаеме на времето поминато пред телевизор, телефон и сл. Во литературата често се говори за децата над 3 годишна возраст. Но, што се случува во ситуации кога се подложни на екрани деца пред втората година?

-Ако јас одлучувам, би забранила со закон содржина за бебиња. Не секое дете има видливи последици. Но, моето истражување се потврдува кога ќе влезеш во секоја училница. Денешниот наставник не е во можност да се справи со последиците. Фокус, внимание и концентрација се мисловни именки. Ретко и скапоцено богатство е да се сретнат истите кај денешното дете. Најтажно од се, ништо не го радува.

Кога е потребен надзор на детето во користење на електронски медиуми, а кога треба изборот на истите да го препуштиме на детето?

-Не постојат содржини за бебиња кои се едукативни и добри за развојот. Барем јас во своето истражување немам сретнато. Неодамна, направив вебинар на тема: “Kакви содржини се препорачуваaт според возраста”.

-30 минути до 1 час најмногу после втората година е во ред, но родителот треба да има целосен надзор на содржините. Да следи какви се реакциите на детето и дали тоа му штети или не. После 7 година до 13 година детето треба медиумски да се описмени и осамостои за после 13 година да може целосно да се остави само и без надзор.  Иако ова звучи комплицирано, сепак во пракса се покажало одлично.

Хипервозбудата е честа состојба кај децата кога имаме зголемена изложеност на екрани. Што се случува со детскиот мозок?

-Накратко само ќе споменам дека има голем број на нус појави од цртанот “Маша и медо”. Слични се последиците од “Cocomelon” и сите тие хиперстимулирачки содржини. Тоа огромно допаминско влијание на мозок во развој, може да влијае толку катастрофално, така што би направило од функционално дете, дете – неспособно да живее самостојно.

Контроверзното прашање околу кое има различни ставови во последно време поради напредокот на технологијата. Дали треба да се забрани употребата на технологија кај децата?

-Јас сметам дека до втората година треба да биде забранета целосно употребата на технологија. Од 2 години до 7 години да не е дозволенo самостојно манипулирање и поседување на уреди. Од 7 години до 12 години да биде дозволено Viber и WhatsАpp, а до 12 години кривично да се одговара за социјални мрежи од типот на Facebook, Instagram, Snapchat и слично затоа што ситуацијата е загрижувачка.

При самиот крај, би сакала да ни кажеш кои се твоите препораки кон родителите? И кон тие кои поставиле граница во однос на ова прашање, и кон оние кои сеуште го немаат направено истото. Ккави аудио-визуелни содржини треба да гледаат децата?

-Не чувствувајте срам и обидете се да бидете различни од средината со тоа што нема да му дадете таблет на вашето дете. Оние кои се уште не се освестиле би сакала да им кажам дека сите грешиме, но ретки се тие што ги признаваат и работат на своите грешки. Реагирајте додека не е предоцна!

-Прашањето „Какви аудио-визуелни содржини треба да гледаат децата?“ ќе можат да го откријат детално на вебинарот кој е поврзан со оваа тематика.

Leave a Reply