Skip to main content

Дисфагија претставува отежнато или нарушено голтање, кои резултира со абнормално одложување на транзитот на течен или цврст болус од усната празнина до желудникот. Дисфагијата, исто така, претставува честа појава кај голем болести/состојби за која премалку се знае и зборува во јавноста, а уште помалку се знае и зборува за тоа дека логопедот е тој што ја третира дисфагијата.

Пациентите ја опишуваат дисфагијата како заглавување, одложување, сопирање во голтањето на храната или течноста. Истата може да се јави како акутна, хронична, интермитентна или перзистентна.

Постојат најразлични причини поради кои се јавува дисфагија, а истата најчесто ја засега возрасната популација, како последица на некоја друга болест или состојба. Пациентите ја опишуваат дисфагијата како заглавување, одложување, сопирање во голтањето на храната или течноста. Истата може да се јави како акутна, хронична, интермитентна или перзистентна.

Етиологија

Како што веќе спомнавме, дисфагијата е појава која најчесто следи по појавата на некоја друга болест или состојба. Најчесто дисфагија се јавува кај: 

  • малигни тумори на горниот аеродигестивен тракт (карцином на усна празнина, карцином на езофагус (хранопроводник));
  • гастро-езофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ);
  • нарушувања на моталитетите;
  • воспалителни болести;
  • опструктивни болести на езофагусот;
  • невролошки болести (мозочен удар, мултипла склероза, Паркинсонова болест, амиотрофична латерална склероза, церебрална парализа, деменција, Алцхајмерова болест, пост-полио синдром, енцефалитис, менингитис, тумори на задната јама, тумори на базата на черепот, Guillain Barre-ов синдром, Lambert-Eaton Myasthenic синдром, невропатија, миастенија гравис…)
  • развојни нарушувања (тешка и длабока интелектуална попреченост, аутистичен спектар на нарушувања, церебрална парализа…);
  • вродени аномалии на непцето (расцепи);
  • мускулни болести (ахалазија, склеродерма, полимиозитис, миопатија, миотонија, мускулна дистрофија…);
  • психијатриски нарушувања (фагофобија);
  • изложеност на медицински третмани (последици од терапија на канцер, долготрајна интубација, трахеоезофагеална фистула…);
  • изложеност на лекови (антипсихотици, трициклични антидепресиви, нестероидни антиинфламаторни лекови, бифосфонати, теофилин, блокатори на калциумови канали, нитрати, опоиди, алкохол…);
  • друго.

Најчесто, етиологијата за појавата на дисфагија, го диктира видот на дисфагија кој се јавува.

Видови дисфагија

Постојат три вида дисфагија: орофарингеална, езофагеална и мешовита дисфагија.

Орофарингеална дисфагија – претставува тешкотија која се јавува при пренос на залакот од усната шуплина до цервикалниот хранопровод. Пациентите со орофарингеална дисфагија се жалат на тоа дека уште при почетното голтање на залакот имаат тешкотии. Ова може да вклучува чувство на лепење на храна во усната шуплина или во регионот на вратот, како и симптоми на пулмонална аспирација.

Езофагеална дисфагија – претставува тешкотија која се јавува при минување на цврста или течна храна низ хранопроводникот, особено во регионот помеѓу горниот и долниот езофагеален сфинктер. Пациентите со езофагеална дисфагија се жалат на тоа дека чувствуваат спазми, болка и “жарење” во градите, задушување, друго.

Мешовита дисфагија – комбиниран тип од орофарингеална и езофагеална дисфагија.

Клиничка слика

Манифестацијата, односно клиничката слика на дисфагијата, зависи од видот на дисфагија и причината за појава на истата. Генерално, можеме да кажеме дека дисфагијата се манифестира така што кај пациентите се јавува:

  • кашлање или давење/гушење за време на голтањето храна или течност;
  • одинофагија (болка при голтање);
  • неможност за голтање;
  • чувство на заглавеност на храната во пределот зад градната коска;
  • нагон за повраќање;
  • засипнатост;
  • регургитација (враќање) на голтнатата храна;
  • гастроезофагеален рефлукс (враќање на желудочна киселина во хранопроводот и грлото);
  • намалување на телесната тежина;
  • чувство на “жарење” во градите;
  • хиперсаливација (зголемено лачење на плунка);
  • друго.

Дисфагијата во голема мера го намалува квалитетот на живот на овие пациенти. Поради истата, можат да се јават дополнителни компликации како: аспирација, пневмонија предизивикана од аспирација, малнутриција (неухранетост), морбидитет или морталитет. Честопати, оваа состојба со себе носи и појава на социјална изолација, фрустрација и депресија.

Да зборуваме јавно и гласно за дисфагијата, како би ја поткренале јавната свест за истата, затоа што дисфагијата во голема мера го намалува квалитетот на живот на пациентите кои се соочуваат со истата.

Дијагностика

Дијагностиката на дисфагија опфаќа мултидисциплинарен пристап и мултидисциплинарна дијагностика. Во процесот на дијагностика се вклучени гастроентерохепатолог, оториноларинголог, невролог, радиолог и логопед.

Дијагностиката започнува со земање на детална анамнеза, која е главен показател за тегобите на пациентот, како и клинички преглед. Во процесот на дијагностика се применува:

  • ендоскопија;
  • фибер-оптичка ендоскопска евалуација на голтањето (FEES);
  • тест на езофагеалните мускули – манометрија;
  • видеофлуроскопија на актот на голтање;
  • MRI;
  • компјутерска томографија;
  • Х-зраци со контрастен материјал – бариум;
  • сцинтиграфија;
  • орално-моторна процена;
  • тестови за скрининг – процена на голтањето;
  • друго.

Сепак, за дисфагијата постои третман кој во голема мера го подобрува квалитетот на живот кај овие пациенти. Побарајте помош од логопед навреме!

Третман

Исто како и дијагностиката, така и третманот на дисфагијата, треба да биде мултидисциплинарен и истиот да биде индивидуален, насочен кон надминување на тешкотиите кои ги има пациентот. Главната цел на третманот на дисфагија е да се намали морталитетот и морбидитетот настанат поради аспирација, пневмонија, малнутриција, дехидрација и психолошки нарушувања.

Третманот на дисфагија може да опфаќа:

  • логопедски техники и вежби за голтање;
  • промени во начинот на исхрана;
  • периферна стимулација;
  • транскранијална магнетна стимулација;
  • крикофарингеална миотомија или дилатација;
  • поставување стент;
  • лапароскопска Хеллер миотомија;
  • перорална ендоскопска миотомија (POEM);
  • ботокс;
  • примена на медикаментозна терапија (инхибитори на протонска пумпа, антибиотици, кортикостероиди…);
  • физиотерапевтски третман;
  • друго.

Совети

Да зборуваме јавно и гласно за дисфагијата, како би ја поткренале јавната свест за истата, затоа што дисфагијата во голема мера го намалува квалитетот на живот на пациентите кои се соочуваат со истата. Сепак, за дисфагијата постои третман кој во голема мера го подобрува квалитетот на живот кај овие пациенти. Побарајте помош од логопед навреме!

Пишува: м-р спец. Бојан Богдановски, клинички логопед – специјалист, СЕР – интелектуална попреченост и аутизам

Leave a Reply