Skip to main content

Во праксата често се случува покрај редовните третмани, да се случи стагнација во учењето кај децата. Па така, често родителите имаат прашање во однос на тоа зошто се случува истото. Пред се, најважно е да потенцираме дека постојат одредени причини поради кои може да се случи стагнација или побавно изучување на работите, па дури и застој во учењето.

Секое дете е индивидуа за себе и секое дете на различен начин ги разбира и учи работите. Некое дете побрзо, некое побавно. Понекогаш, се случува подолг временски период да учиме една активност, одреден глас или начин на искажување на работите. Тогаш, може да се случи стагнација во учењето. Но, тоа не значи дека детето не учи или нема капацитет за учење, туку едноставно новата вештина ја совладува побавно при што му даваме повеќе време преку разни примери на игра. На тој начин, го одбираме најлесниот начин за детето во однос на возраста за да му помогнеме и да го научиме како да ги совлада новите вештини.

Дали техниките на учење се исти за сите деца?

Техниките на учење се исклучително важни бидејќи им помагаат на децата да бидат поактивни, ги поттикнуваат кон критичко размислување, ги поттикнуваат да истражуваат и анализираат, ефикасно да учат, но и да поттикнат љубопитноста и интересот за усвојување на нови вештини.

Секако, не секоја техника одговара на секое дете и токму затоа терапевтот треба да процени како детето соодветно ќе го совлада тоа што треба да го научи.

Кога навистина стагнира развојот на говорот?

Во однос на стагнација во усвојување на нови вештини, можеме да говориме во следниве ситуации:

  • Кај децата најчести се настинките, но понекогаш се случува да се појави воспаление на средно уво или ларингит. Кај овие состојби, децата не се во можност да ги изведуваат вежбите па доаѓа до стагнација.
  • Кога детето е болно подолг временски период, т.е кога детето подолго време не посетува логопед, градинка или училиште.
  • При употреба на исти методи и техники при учење во подолг временски период т.е кога на ист начин подолго време се учи одредена работа.
  • Одбивање за соработка од страна на детето, кога детето не сака да го примени тоа што му е посочено и не ги извршува налозите кои му се даваат. Најчесто, ова се случува кога детето е во фаза на негација. Тоа е кога децата стануваат свесни за себе и осознаваат дека можат да се изразат по сопствена волја, а неможноста да постапуваат како што тие сакаат ја изразуваат преку негација. Секако, оваа фаза со тек на време поминува со примена на поставување граници во однесувањето како и правилно менаџирање со емоции и помош во учењето. Од исклучителна важност е да се напомене дека во оваа фаза детето не треба да прекине со посетата на логопед како и третманите.
  • Недоволна соработка на семејството со терапевтот – логопед односо кога релацијата терапевт – дете – родител не е соодветно изградена. За да имаме успешна рехабилитација на говорот, најважна е соработката меѓу родителот, детето и терапевтот т.е заемната комуникација која дава одлични резултати на работењето во целина. Со самото тоа и успешно и брзо надминување на потешкотиите во говорот и учењето.
  • Презаситеност, која често се јавува доколку детето посетува повеќе активности истовремено (спорт, изучување на јазици…) и дополнително логопедски третмани. Во тој случај, препорачливо е да се направи редукција на активности или одредена пауза како би му помогнале на детето да воспостави поголемо ниво на концентрација и извршување на вежбите со соодветен капацитет. Во одредени случаи, се прави пауза и од логопедски третмани (најчесто за одмори) по која децата брзо го надополнуваат она кое се учело подолг временски период. Со ова, можеме да заклучиме дека и кратката пауза може позитивно да делува на детето.
  • Несоодветно повторување на зададените вежби и задачи, односно на погрешен начин се изведуваат вежбите во домашни услови. Поради тоа, најдобро е родителите да се консултираат со терапевтот дури и при најмала нејаснотија со цел правилно изведување на вежбите, како и полесно совладување на вештините кои се изучуваат.

Секако, потребно е секоја фаза да се надмине со соодветни насоки и совети бидејќи како што кажавме, секое дете бара свој единствен пристап. Ние, терапевтите сме секогаш тука за правилна едукација и поддршка на родителите, како и децата.

Пишува: дипломиран логопед, Наташа Шатровска

Leave a Reply