Психолошки развој на деца од предучилишна возраст - Gaspar Centar

Психолошкиот развој на децата од предучилишна возраст претставува множество на меѓусебно поврзани компоненти преку кој може да се утврди степенот на развој на детето.

Се работи за мошне интересна фаза од животот на едно дете. Границата за предучилишен период е од три до седум години. Во овој период, децата сакаат да си играат со различни предмети, а дружењето со други деца е секундарно, се до петтата година кога покажуваат зголемен интерес за дружба со врсници.

Овде е многу важно да се остави простор на детето за покажување на својата индивидуалност. Од особена важност е да се развие способноста кај детето за земање предвид на своите потреби, како и потребите на другите.

„Многу е важно да им се даваат на децата вистинити одговори на прашањата кои ги поставуваат бидејќи и тоа има големо влијание врз развојот на нивната личност како и врз односот родител – дете.“

Поради тоа, доста е важно родителите да внимаваат на своите зборови, дела и постапки. Предучилишната возраст е период кога кај децата се јавуваат најмногу емоции, забрзано се развива креативноста и имагинацијата како и љубопитноста. Децата често објаснуваат, но и повторуваат и бараат повторување на одредени работи кои ги интересираат бидејќи така најдобро помнат. Некои научници оваа фаза ја нарекуваат и “фаза на прашања”. Многу е важно да им се даваат на децата вистинити одговори на прашањата кои ги поставуваат бидејќи и тоа има големо влијание врз развојот на нивната личност како и врз односот родител – дете.

Кога децата развиваат диференцирана самодоверба и самокритичност?

За нормален развој на личноста на детето и сите нејзини компоненти – интелектот, креативноста, емоционалната и социјалната сфера неопходно е уште во раното детство, детето да има чувство на сигурност како и да ја согледа грижата на возрасните за него.

Кога говориме за дете од предучилишна возраст, ќе напоменеме дека кај него постои одреден развој на самосвест поради нивниот интензивен интелектуален развој во втората половина од предучилишниот период. До крајот на оваа возраст, се развива и правилна диференцирана самодоверба како и одредена самокритичност. Околу третата година, детето се одделува од возрасниот, но се уште не знае доволно за себе. На возраст од околу 4-5 години, детето ги слуша мислењата на останатите за себе и се оценува себеси на основа на проценките на возрасните, тогаш веќе почнува и да постапува согласно својот пол.

Промени во темпераментот

На возраст од околу 5-6 години, детето почнува да се однесува според одредени норми, а веќе околу седмата година, детето се труди се подобро да проценува. Во овој период, децата се карактеризираат со промени во темпераментот. Личните квалитети се развиваат под влијание на самосвеста, додека пак имитацијата на останатите влијае врз развој и на карактерот. Во различни активности, покажуваат развој на различни способности како и таленти. Како основна карактеристика се јавува креативноста. Постои формираност на хиерархија на мотиви за постигнување на успех. Исто така, учеството во игри и други активности придонесува за развој на морални чувства.

Комуникацијата со возрасните е различна на различна возраст во овој период, додека пак комуникацијата со децата има игровен карактер, каде се развива во одреден дел и емпатијата. Во втората половина на овој период, се јавува и способноста да се генерализираат искуства како и социјализиран говор. Се јавува и вербално – логичко размислување.

Веќе околу седмата година, децата имаат потешкотии со саморегулацијата, но затоа почнуваат да се адаптираат на одредени правила каде што веќе почнува да се губи детската спонтаност. Во втората половина од овој период на предучилишна возраст, децата имаа изградено стабилни односи со своите родители.

Главни причини за потешкотии во психолошкиот развој

Психолошкиот развој на децата во овој период може да биде исклучително тежок поради повеќе причини:

  • Емоционални и лични проблеми (лошо расположение, агресија, анксиозност, стравови, итн.)
  • Бавен развој на когнитивните способности (нарушено внимание, нарушено помнење, недоволно разбирање, ограничен вокабулар)
  • Проблеми во однесувањето
  • Невролошки проблеми од различни причини (нарушување на сон, замор, енуреза)
  • Проблеми во комуникација (оттуѓеност од други деца, чувствителност, прекумерна изолација)

Задачи на родителите во однос на децата во предучилишниот период:

  • Да им се овозможи на децата да ја задоволат својата потреба за игра
  • Да се овозможат предуслови за хармоничен раст и развој и среќно детство
  • Да ја негуваат и развиваат приврзаноста на децата со родителите
  • Да развијат кај децата чувство на благосостојба, хармоничен ментален и физички развој
  • Да се развијат чувства на другарство, пријателство, меѓусебна соработка кај децата
  • Да го поттикнат, помогнат, насочат развојот на детското внимание, меморија, способност, набљудување, разгледување
  • Да се развие и збогати детскиот речник во однос на комуникација
  • Развој на фина и груба моторика
  • Да ги подготват децата за успешно вклучување во основното образование

На секое дете треба да му се овозможи соодветна атмосфера за растење и предучилишно образование, со што ќе му се овозможи на секое дете да го развие својот потенцијал како и напредок.

Пишува: м-р Фики Гаспар, психолог

Leave a Reply