Skip to main content

Според познатиот психолог Алфред Адлер, уште во периодот на доенечка возраст важно е детето да се стави во прилики во кои нема да добие погрешни сфаќања за светот околу него. Иако на почеток одговорите се само автоматски и рефлектирачки, сепак наскоро целото функционирање ќе се измени на целисходен начин така што неговата среќа нема да зависи само од надворешните фактори, туку и самото ќе биде способно да се прилагодува на тие фактори.

Во тежнеењето да бидат уважени, можеби тие деца ќе се спротивстават на воспитувачите и ќе почнат во потрага по своето ЈАС, отприлика во периодот кога тоа дете и почнува да го употребува зборот јас. Во овој значаен период, детето е приморано да зазема став и да ги подреди односите во околината како што сака за негово добро, во склад со неговиот поглед кон светот.

„Добриот“ или „лошиот“ – какви родителски стилови се оформуваат?

Најголемиот дел од предизвиците со децата потекнуваат токму од тој период, што носи функција родителите да изградат здрави граници, но и децата да создадат свој став и сигурност. Од тука потекнува важноста да се потенцира дека прилагодувањето на родителите околу нивните родителски ставови е од огромно значење. Што значи дека нема секогаш и во секоја прилика да се користи еден и единствен родителски стил. Родителските стилови се оформуваат и се важни во однос на емоционалниот одговор и дисциплината кои се најголем дел од времето поминато со своите деца. Често детето е водено од два родителски различни ставови, на пример едниот е секогаш строг или авторитативен, а другиот е попустлив или незаинтересиран.

Најповолен е авторитативниот стил на родителство каде има воведување на правила и поставување граници, овозможување на учење и задоволување на емоционални потреби, а секако и овозможување и изразување на чувствата и топол емоционален однос, исполнет со разбирање. Додека пак авторитарниот стил на родителство е поврзан со прекумерна дисциплина, придружена со критики и казни, не давање право на избор и изразување мислење, слабо емоционално одговарање и напната атмосфера. Попустлив стил на родителство е начин каде што нема соодветен редослед и хиерархија во односот родител – дете, на детето му се дозволува премногу и нема граници во однесувањето, нема правила и постои мала дисциплина, мало или никакво учење за исполнување на своите обврски.

„Секоја возраст е со свое значење, но барем во критичниот период од три до седум години каде детето интензивно има потреба да создава независност. Во овој период можеби е најважно да се побара начин за согласен родителски став од двата родитела.“

Кога и како децата развиваат сопствена војла?

Помеѓу потребата да се добие грижа, храна, љубов и исполнетост се случува мошне значаен процес во кој детето почнува да верува, да создава сопствена волја и цел и да општи со родителите и со другите лица. При авторитарен родител, детето е многу често ќутливо покрај својот родител и не го искажува своето мислење, а подоцна тешко општи и со другите авторитети. Можеби во овој простор меѓу задоволувањето на потребите е важно да се постави воспитувањето, а во секое слободно време да се игра и општи со детето за да се задоволат неговите емоционални потреби. Секоја возраст е со свое значење, но барем во критичниот период од три до седум години каде детето интензивно има потреба да создава независност. Во овој период можеби е најважно да се побара начин за согласен родителски став од двата родитела.

Во пристапот на решавање на потребите на детето се јавува најголемиот предизвик бидејќи задоволувањето на потребите е најчестиот начин за да се општи родителот со своето дете. Секако дека децата имаат потреба да добијат моќ, но тоа не треба да го изненадува родителот или да се чувствува непријатно, бидејќи во ниеден момент не треба да заборави дека детето бара начин за да се исполни во својата средина. Наместо казна, постои можност иницијативата, детето да ја насочи кон активност која е корисна за него.

Во врска со авторитарниот стил на родителство, доколку има тежок притисок од страна на родителот, тоа создава непријателски став на детето кон надворешниот свет.

Што се случува ако се биде престрог со децата?

Според многу студии, токму авторитарниот стил на родителство и честите казнувања и навреди можат да донесат кај децата во подоцнежниот период тешкотија околу самостојно носење на одлуки, тешкотија да им веруваат на другите. Самото изоставување на емоционално поткрепување во многу истражувања, покажало дека многу од децата поради авторитарен или строг родителски стил имаат поголема тенденција да развијат депресија или анксиозно нарушување. Освен казнувањата, штетна може да биде и навредата и критиката со строги родителски стандарди кои во голема мера ја напаѓаат самодовербата на младата личност.

Самоконтролата на децата е веројатно одраз на самоконтролата кај родителите. Кога има конфликт, возрасните најдобро е да применуваат разговор и да вклучуваат при тоа јас –  пораки, а не обвинувања, на начин што би се потрудиле да ги разрешат конфликтите во насока на обострана консултација и советување. Повторно, можеби и најзначајно е да се препознаат и уважат емоциите на детето и да се даде доволно топлина и насочено внимание.

Пишува: лиценциран психолог, семеен и системски советник Соња Угриновска

Leave a Reply