Skip to main content

Младите тинејџери се соочуваат со многу предизвици, ситуации и начини како да го поминуваат слободното време, што да прифатат од средината од тоа што им се нуди, предизвикани од многубројните начини за да остварат добри успеси, да формираат добро друштво, да бидат сакани, да експериментираат.. Многу често и посегнуваат да пробаат нешто што не е дозволено, од нивната желба да бидат посебни, бунтовни, или прифатени од друштвото. Поради зачестената појава да користат и марихуана се јавува потребата да се зборува за тоа како и родителите можат да помогнат и да го насочат тинејџерот во таа ситуација.

Кои се почестите причини за да младите се впуштат во користење на марихуаната?

  1. Информациите дека донегде и не создава зависност марихуаната и дозволената употреба во некои земји за рекреативни цели, ја смалува внимателноста и го поттикнува ризикот да се земе марихуана.
  2. Ставот на младите дека имаат контрола на тоа колку и како ќе ризикуваат да конзумираат марихуана
  3. Потреба за брзо решавање на проблематични ситуации и поефективно одмарање и релаксација со цел да се посветат подобро на обврските од училиште во кои се чувствуваат во тесно.
  4. Потреба да влезат во група и да покажат дека не се „слаби”
  5. Бунтовништво против високи стандарди на родителите
  6. Присуство на стрес, анксиозност, депресивност или други психолошки потешкотии
  7. Ниска самодоверба или потреба за надминување на неуспех

Дали и колку марихуаната влијае на здравјето на младите?

Истражувањата покажуваат дека:

Кај тинејџерите мозокот е сеуште во формирање и невроразвојниот период продолжува барем во 20тите години. Ефектот на марихуаната врз младиот мозок е во оштетувањето на формирање на синаптички врски во мозокот. Освен тоа може да поттикне мешање на невротрансмитерите и абнормална структура и форма на мозокот. (Squeglia, L.M., Jacobus, J., & Tapert, S.F. (2009)

Ова ни дава до знаење дека когнитивниот процес може да биде нарушен, психомоторниот развој, емотивното однесување и полесно заболување од психолошки растројства но и потешко социјално прилагодување, сето тоа како резултат на продолжено конзумирање на марихуаната.

Како да му помогнете на вашиот тинејџер доколку знаете дека конзумира марихуана?

  • кога се сомневате во знаци кои упатуваат на користење марихуана имајте во предвид дека можеби се работи за криза на психолошко и социјално ниво. (заморот, сомнително повлекување, неспиење, попуштање во училиште..)
  • како и со сите други кризи покажете разбирање и не допуштајте да бидете премногу груби и агресивни бидејќи со тоа ќе го поттикнете отпорот. (она што му треба на тинејџерот е сигурно разбирање и прифаќање)
  • разговарајте за неговиот начин на живот, дружење, како се чувствува во однос на прифаќањето од другите и дали се чувствува доволно самоуверен
  • понудете помош за емотивно прифаќање и дозволување на одмор од секојднените напорни училишни одговорности.
  • Бидете трпеливи и позитивни, но истовремоно подвлечете што се очекува од него
  • помогнете му на вашиот тинејџер да зборува за притисокот од групата (доколку е под влијание да биде прифатен)
  • поставувајте прашања без осудување
  • разговарајте за можните последици од марихуана и давајте позитивни примери за долгорочните ефекти на здравиот начин на живот
  • посоветувајте се со стручно лице психолог.

Текстот го напиша:

Соња Угриновска

Лиценциран психолог,

Едукант по Семејна и системска психотерапија, Семеен и Системски советник во Гаспар Центар за психофизичко здравје каде низ 4 год. искуство работи посветено со семејства и млади.

Leave a Reply