Skip to main content

K.M.: Поради неопходните одлуки да се затворат сите училишта и градинки во вонредната состојба, затворени се и сите дневни центри за деца со попреченост како и многуте работилници кои се организираа. Што мислите за ваквата моментална состојба поврзана со децата кои имаат аутизам?

В.Т.: Добро, тоа решение да се затворат сите овие образовни и социјални установи беше неминовно, инаку досега ќе имавме десетици илјади заболени и илјадници мртви од корона вирусот. Секако, дека и тоа е нова состојба за децата кои имаат аутистичен спектар на нарушувања и таа нова ситуација може да биде доста предизвикувачка за нив и нивните семејства. Многу од високо развиените земји веднаш се преориентираа на онлајн настава и организираат онлајн вебинари. Исто така сакам да потенцирам дека е можно давање на психосоцијална поддршка на семејствата преку телефон, скајп, вибер и слично. Ние во МНЗА веднаш се преориентиравме и веќе започнавме со вебинари за аутизмот, а наскоро во мај и јуни во рамките на преоктот кој го работиме заедно со канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје ќе започнеме со онлјан поддршка за 20 деца со АСН и нивните родители, како и одржување на девет вебинари до крајот на јуни.

Професор д-р Владимир Трајковски

K.M.: Како соодветно да се објасни целосната ситуација на децата со аутизам како и потребата/можноста за заштита?

В.Т.: Постојат доста интересни совети со кои што може да им се објасни на децата новонастанатата ситуација. Најпрвин треба да им се укаже на важните правила:

Броиме до 20 додека миеме рачиња.
  • Добро и често да ги мијат рацете (најмалку 20 секунди).
  • Да се обидат да не го допираат носот, устата и очите.
  • Да вежбаат социјално дистанцирање, задржувајќи најмалку 6 метри оддалеченост од другите луѓе.
  • Да носат марама за лице или маска за лице на јавни места и по можност ракавици.

Дајте му простор и време на вашето дете за прашања, но не понудувајте повеќе детали отколку што бара вашето дете. На пример, ако вашето дете прашува за луѓе кои се болни, одговорете на прашањето, но, не ја подигнувајте темата ако не се појави. Децата со АСН имаат конкретен начин на разбирање и некои од нив можат да имаат сериозни вербални проблеми и да покажат тешкотии во феноменолошката перцепција. Важно е да им се објасни што е COVID-19 и зошто сите треба да останеме дома. Објаснувањето мора да биде едноставно и конкретно. За таа цел, можно е да се користи алтернативна комуникација. Исто така, можно е да побарате помош од терапевти при подготвување краток памфлет под наслов „Што е COVID-19?“. За вербалните мали деца, објаснувањето треба да биде поддржано со мапирање на идеи за да може полесно да разбере детето. Општо е познато дека децата со АСН имаат дефицити во извршното функционирање и може да покажат проблеми при планирањето на нивните секојдневни активности, особено кога нивната рутина е нарушена. Поради оваа причина, важно е, особено сега, да се структурираат секојдневните животни активности. Домот е уникатно опкружување во кое се одвиваат активности. Би било корисно да се поделат дневните активности, доделувајќи различна просторија за секоја од нив. Оваа структура може да биде корисна не само за децата со АСН кои имаат ниско или средно функционирање, туку и за оние кои се високофункционални. Ова може да биде активност за споделување со целото семејство како вид игра. Користејќи табла, секој член на семејството може да има простор да ги напише планираните активности.

Децата со АСН уживаат да играат, но можат да имаат проблеми со некои видови на игри, заради сензорните проблеми или затоа што претпочитаат структурирани или полуструктурирани активности. Во текот на денот ќе биде важно да применувате одредени активности преку игра. Изберете активности што вашето дете ги претпочита. На пример, ЛЕГО-терапијата може да биде добро решение за деца со АСН кои имаат ниско или високо функционирање. Терапијата со ЛЕГО коцки е сè попопуларна програма за социјални вештини за деца и младинци со проблеми во социјалната комуникација. Може да биде полуструктурирана активност на игра, споделена со родители или браќа и сестри во самиот дом. Доколку сакате повеќе да се информирате за овие активности, ве молам посетете ја Фејсбук страницата на МНЗА https://www.facebook.com/MSSAutism/.

K.M.: Каков став имате кон мерките т.е како тие влијаат врз децата со аутизам? (задолжително носење маски, ракавици при прошетки и сл.)

В.Т.: Мерките треба да важат за сите граѓани, бидејќи секој живот е еднакво важен и значаен. На некои од децата со аутизам им е интересно ова, други пак даваат отпор при носење на заштитните средства. Затоа, кај овие вториве треба многу тактично и со многу вложување на напори да им се објасни значењето на носењето на овие заштитни средства и да се потроши многу време додека се убедат да ги носат, или евентуално ако не сакаат да ги носат тогаш ќе мора да избегнуваат одења во јавен превоз, на пазари, во маркети и секаде каде што има многу луѓе кои би можеле потенцијално да им го пренесат вирусот.

K.M.: Сега кога не се во функција училиштата, игротеките и слично, секојдневието на овие деца треба да биде доста исполнето. Промената на дневните рутини им пречи во нивното функционирање и може да биде извор на стрес и анксиозност. Какви препораки имате околу активностите поврзани со нив?

В.Т.: Токму така како што велите промената во дневните рутини многу влијае во нивното секојдневно функционирање и тоа може да предизвика негативен импакт врз нивната личност што ќе се манифестира со зголемување на стресот, анксизоност и предизвикувачко однесување. Еден од начините за справување со овие можни негативни појави е да се направи онлјан консултација со терапевтите. Aко децата оделе на психотерапија пред пандемијата со COVID-19, многу е важно тие да ја продолжат. Бидејќи многу терапевти ја прекинале терапијата лице-в-лице, силно се препорачува да ја продолжат психотерапијата преку Интернет видео или аудио модалитет со истите неделни состаноци. Тоа може да ја намали вознемиреноста, да го подобри расположението и да им понуди на децата приватен простор во кој ќе разговараат со специјалистот.

Родителите треба да креираат правила во домот. Вие и вашето дете можете да ги направите овие правила заедно. Можете да ги користите истите или слични правила што ги користи училницата или училиштето каде што учи вашето дете. Вие и вашето дете можете да нацртате или да ги напишете овие правила и да ги објавите некаде во вашиот дом.

Поставете дневен распоред или рутина за вашето дете. Обидете се да разделите долги, неструктурирани периоди во поструктурирани активности. На пример, слободното време би можело да се распредели на време за: книги и загатки, уметност и занаетчиство, активности на маса, итн. Обидете се да вклучите време на отворено и време на вежбање во распоредот на вашето дете. Запомнете да додадете оброци во распоредот. Честопати, децата имаат поголема веројатност да бараат храна во текот на денот кога не се на училиште. Обидете се да не ги оставите да уживаат надвор од закажаното време на оброк и ужинка.

Напишете го овој распоред со вашето дете или направете распоред на слики (на вашиот компјутер или отпечатете го). Прегледувајте го распоредот со нив често. Постојат многу примери на распореди на Интернет, кои можете да ги користите за да им помогнете. Сфаќаме дека многу родителите ќе мора да се борат со работа од дома и да управуваат со распоредот на нивното дете. Обидете се да го подготвите распоредот на вашето дете во согласност со вашите ангажмани на работа, резервирајќи тивка активност за времето за кое ќе треба да ги вршите другите активности.

Мотивирајте го вашето дете. Барањето на вашето дете да прави училишна работа дома може да биде предизвик. Тоа помага да се постигне нешто што може да го мотивира да ја заврши својата работа. Можете да го направите ова со едноставно уредување на распоредот на вашето дете, така што работата доаѓа пред забавни активности (на пр., „прво училишно активност, а потоа надвор на играње“). Вие исто така може да поставите систем за стимулирање на вашето дете за да се заврши работата. На пример, можете да направите табела со ѕвезди или налепници за вашето дете и да им обезбедите изненадување или дополнително време на компјутерот кога ќе ги добијат сите налепници/sвезди.

Ротирајте и организирајте ги играчките на вашето дете. Децата често имаат многу играчки надвор и околу нивниот дом, но понекогаш забораваат на овие играчки. Може да помогне да се организираат и ограничи количеството на играчки што вашето дете ги има на располагање едновремено. Потоа, можете да ги ротирате нивните играчки секој ден или два. На пример, можете да ги организирате играчките на вашето дете во корпи за играчки. Можете да ги ставите сите, освен една или две од овие во корпата. Потоа, секој ден можете да ги менувате. Ова помага да ги задржат своите играчки нови и возбудливи.

Помогнете му на вашето дете да започне со активности. Некои деца можат да имаат тешкотии да се појават со свои идеи за активности за игра, да ги пронајдат сите соодветни материјали и да започнат. Помогнете му на вашето дете да направи план за она што би сакале да го направат со своето време. Можете да им дадете некои идеи создавајќи табла за избор или мени со опции за нив, или едноставно со запишување на некои избори на лист хартија. Откако ќе решат што сакаат да направат, помогнете им да ги соберат потребните материјали и да започнете со задачата. Откако ќе стартуваат, може да ги проверувате и да ги фалите дека се држат до задачата.

Ставете ограничувања на времето пред монитор. Ограничувањето на времето пред монитор може да биде еден од најголемите предизвици за едно семејство за време на паузите. Помага да поставите јасни граници пред да започне денот и да ги прегледувате овие граници често со вашето дете. Можете да го направите ова со закажување за времето пред монитор во одредени периоди од денот, и дозволувајќи им само во тој период од денот. Користењето на тајмери, како што се визуелни тајмери ​​(има многу апликации за ова), може да биде корисно за поставување на овие граници.

Управувајте со конфликтите со браќата и сестрите. Обидете се да закажете самостојни активности за секое дете периодично во текот на денот. Можеби ќе треба да ги надгледувате групните активности. Обезбедете пофалби и дозволете им на вашите деца да работат заедно кон награда, разговарајќи убаво и да соработуваат заеднички кон заедничка цел.

K.M.: Во овој период родителите како замена ги извршуваат задачите на наставниците, личните асистенти, дефектолози, логопеди .. Какви препораки имате за нив?

В.Т.: Еве неколку корисни препораки до нив: да го поддржат разбирањето со помош на визуелни помагала и социјални наративи, да ги објаснат очекувањата и новите социјални правила за COVID-19, да обезбедат структура и рутини во домот, да ги олеснат позитивните стратегии за справување и смирување, да ги следат промените во однесувањето. Би сакал и да препорачам некои веб страници на англиски од каде што може да добијат корисни идеи, а тоа се следните: https://nationalautismassociation.org/, https://www.milestones.org/, https://www.autismspeaks.org/ и многу други.

K.M.: На секое дете му е потребно друштво. Поради неможноста за социјализација истото е изоставено. Дали треба да се вклучи модерната технологија во овој процес со бенефитите кои ги нуди?

Модерната технологија како неопходност во начинот на комуникација и учење.

В.Т.: Апсолутно треба да се вклучи ИТ технологијата. Веќе говорев претходно по ова прашање. На пример, треба да се користат сериозните игри кои можат да бидат корисни за да се подобри социјалното сознание и да се препознаат емоциите на лицето, емоционалните гестикулации и емоционалните ситуации кај деца со АСН. Сериозните игри можат да бидат основен ресурс за децата од АСН. Многу сериозни игри се бесплатни и може да се преземат како Апликација за таблет и / или компјутер од специјализирани страници. Сериозните игри би можеле да бидат едукативна алтернатива за видео игри. Исто така доколку сакаат да останат во контакт со нивните другарчиња треба тоа да им се овозможи преку видео повик со некоја од современите алатки (месинџер, вибер и др.).

K.M.: Децата со аутизам често имаат и ослабнат имунолошки систем. Какви совети имате во однос на ова прашање?

В.Т.: За жал многу од децата со аутизам имаат нарушен и ослабнат имунолошки систем. Имунолошките абнормалности кај аутизмот вклучуваат докази за: намален одговор на митогена стимулација на лимфоцитите, редуцирана функција на клетките природни убијци, депресија во функцијата на Т помагачките клетки и нивните поткласа супресор-индуктор клетки, инхибиција на макрофагната миграција во присуство на миелин базичен протеин, ненормална функција на Т и Б клетките во ин витро услови, лошо производство на противтела со ниски нивоа на ИгГ и ИгА поткласите и ненормални нивоа на цитокините во серумот. Јасен доказ за автоимуноста е секако присуството на антимозочни, антимиелински, како и циркулирачки противтела против серотонинските рецептори во мозокот, кои што се наоѓаат во серумот на лицата со аутизам.

Тоа ние го докажавме и во мојата докторска дисертација уште пред 18 години. Јас на мојата официјална Фејсбук страница објавив некои препораки уште пред 2 месеци, но еве ќе повторам некои од нив за вашите читатели и следбеници. Препорачливо е земање на витамин Д3, витамин Ц, цинк, прополис, многу овошје и зеленчук, најмалку 2 литри течности на ден.

Интервјуто го водеше Катерина Милеска од Гаспар Центар.

Leave a Reply