Заедно против дислексија - Gaspar Centar

Кога би ја опишале дислексијата со наједноставни зборови би кажале дека претставува нарушување во читањето, но во праксата е и повеќе од тоа. Ако едно лице има дислексија тоа не значи дека тој/таа не може да чита. Секое лице со дислексија може да чита барем малку, повеќето лица со дислексија можат да препознаат некои зборови веднаш. Лицата со дислексија немаат интелектуални тешкотии, тие едноставно се борат со читањето. Овие тешкотии создаваат повеќе проблеми од некои други проблеми, како на пример, пеење, математика или спорт бидејќи читањето и пишувањето се многу важни во нашата култура. Лицата кои не пеат добро можат да го поминат целиот живот без никој да го открие тоа или воопшто да немаат тешкотии поради тоа, но лицата со дислексија ќе се соочат со секојдневни проблеми и ќе имаат тешкотии да ги сокријат таквите проблеми. Ова пак, може да предизвика емоционални и бихејвиорални тешкотии. Тешкотиите можат да вклучат проблеми во комуникацијата и играта со врсниците, анксиозност, депресија и несигурност. Негирањето, гневот, вината, срамот и стравот се општи емоционални одговори пред лицата да постигнат некое ниво на прифаќање на состојбата. Со раното откривање и рана интервенција, потребната емоционална поддршка од родителите и соодветен третман децата со дислексија можат да станат многу успешни.
Читањето е сложен процес во кој мозокот бара поврзување на буквите што ги гледаат со звуците што ги слушаат и доколку постојат потешкотии со тој чекор, сите следни чекори се потешки.

Интересно е да се напомене дека иако дислексијата може да предизвика различни тешкотии за луѓето кои ја имаат, постојат работи кои тие можат да ги прават дури и премногу добро во однос на другите луѓе. Доказ за тоа се неколку познати личности во текот на историјата кои имале дислексија, како на пример, Леонардо да Винчи, Томас Едисон, Ханс Кристијан Андерсен, Винсон Черчил, Агата Кристи и Нелсон Рокфелер.

Причините за дислексија сеуште не се утврдени но како можни  се наведуваат:

  • Наследноста. Дислексијата има тенденција за појавување во семејствата, наследноста се смета како една од причините бидејќи деца на родители со дислексија па и браќа и сестри на деца со дислексија појавиле исти потешкотии во читањето,
  • Недоволна развиеност на хемисферите,
  • Употреба на токсични супстанции и инфекции за време на бременоста,
  • Влијание на животната средина,
  • Трауми,
  • Потешкотии во моторика, концентрација, перцепција.

Симптомите на дислексија не изгледаат исто кај секое дете, различни се и може тешко да се препознаат додека детето не тргне во училиште, во некои случаи се откриваат и подоцна кога се соочуваат со посложени активности. Некои од децата се вознемируваат кога читаат, го избегнуваат читањето на глас или се фрустрираат и тоа им влијае и на секојдневните активности.

Во предучилишна возраст во симптоми на дислексија се вклучени:

  • Децата не ги разликуваат буквите,
  • Прават замена на зборовите кои им се тешки за изговор,
  • Некои од нив имале задоцнет говорно – јазичнен развој,
  • Имаат потешкотии во учење и запомнување букви од азбуката,  
  • Потешкотии во разбирање рима.

Симптоми на дислексија во училишна возраст:

  • Во оваа возраст не ги поврзуваат буквите со звуците,
  • Пишуваат букви и броеви наназад,
  • Не го разбираат тоа што го прочитале,
  • Читаат бавно во споредба со нивните врсници,
  • Избегнуваат активности со читање,
  • Покажуваат потешкотии во правописот,
  • Потребно им е подолго време за читање и пишување,
  • Потешко го следат редоследот во низата.

Симптомите кои се изрзени во средношколска возраст и кај возрасни:

  • Тука се поизразени симптомите со кои децата се среќаваат во училишна возраст –  потешкотии за време на читање, вклучувајќи го и читањето на глас,
  • На децата им е потребно подолго време за читање и пишување од нивните врсници – изразено е бавно читање и пишување, 
  • Погрешно изговарање зборови и имиња,
  • Повторуваат или додаваат зборови за време на читањето,
  • Не го разбираат прочитаниот текст,
  • Имаат лош ракопис,
  • Придружени се и потешкотии за извршување математички задачи и потешкотии со меморирање,
  • Тешко совладување странски јазик,

Проблеми со прераскажување приказна.

Како да помогнеме?

Раната дијагноза и интервенција на дислексијата кај децата помага за поуспешен третман, но и возрасните може да ги подобрат своите вештини со соодветна помош.

Постојат соодветни прашалници и тестови кои терапевтите ги користат за испитување и дијагностицирање на читањето. Фонолошката свест е критична вештина за читањето и поради тоа третманот започнува со неа.

Третманот се фокусира на:

  • Потенцирање на фонологија од најниско до највисоко ниво
  • Потенцирање на вештините за слушање
  • Препознавање на важноста на дискусиите
  • Вештини за препознавање на цели зборови
  • Развивање на свесност за реченицата
  • Потенцирање на познавањата и учењето на 31 буква и 31 глас од азбуката
  • Познавање на просторните односи
  • Познавање на бои, бројки и насоки
  • Вклучување на игри
  • Развивање на познавања и продукција на рими
  • Овозможување на увежбување на фини моторни вештини
  • Развивање на вештини за креативно пишување

Најважно од се е детето да ја добие потребната поддршка од родителите,наставниците,другарчињата,околината и терапевтот. Треба да се разбере дека ова нарушување е сложено и е потребно трпение и постојана работата. Овие дечиња не се мрзеливи или неинтелегентни потребно е околината да разбере дека овие дечиња се соочуваат со реален и сериозен проблем на кој што треба да се обрне внимание. Со доволна мотивација и стимулација ништо не е невозможно. Останете позитивни и не се предавајте,не се плашете да посетите логопед и специјален едукатор и рехабилитатор бидејќи само со заеднички напори постигнуваме големи успеси.

Текстот го напишаа:

Слободанка Богоеска – Клинички логопед – специјалист

Ивона Трајковска – Специјален едукатор и рехабилитатор

Leave a Reply